Да се обединиме и да ја внесеме Македонија во Европа-потоа ќе се натпреваруваме идеолошки

/

Пишува: Димче Петкоски, Генерален секретар на Граѓанско Демократска Унија-ГДУ

Почитувани пријатели, најпрво сакам во име на Граѓанско Демократска Унија – ГДУ и во име на организациите на Македонските Бугари од Македонија, да се заблагодарам за приемот на целиот државен врв и сите политички партии кои ни дадоа целосна поддршка во Република Бугарија.

Она што мене ми остави посебен впечаток, беше тоа што сите беа едногласни во ставовите и нѐ убедија дека во иднина ќе стојат единствени во борбата за нашите права како дел од народите кои живеат во Македонија. Ја користам оваа прилика, на сите кои ќе учествуваат на претстојните парламентарни и Претседателски избори, да им посакам успех. Како што ни ветивте сите, се гледаме во новиот парламент!

Исто така, сакам да им испратам порака и да им ја кажам вистината на душегрижниците кои гравитираат околу ВМРО – ДПМНЕ и се најжестоки критичари за Бугарите во Македонија во последно време, не само на нив, туку и на оние кои шират омраза и непријателство кон нас и во минатото и сегашноста.
Ќе се вратам за миг во Илинденското востание и ќе ве потсетам дека местото каде востаниците го одвраќаат ударот на аскерот е месноста Подуач – Рабетинска река, кичевско, тука е и борбата кај Ѓурѓејца. Ќе ве потсетам исто така, дека Кичево е прв ослободен град во Втората светска војна. Мора да знаете и дека пробивот на политичката сцена во плурална Македонија почнува после одржувањето на десеттиот Конгрес на ВМРО – ДПМНЕ во Кичево. На тој конгрес партијата се повикува на историскиот континуитет на историското ВМРО и се одлучува дека ги продолжува конгресите. За претседател е реизбран Љубчо Георгиевски. Благодарение на г-дин Илија Китаноски комитетот во Кичево беше пример за сите останати во Македонија во тој период, исто така Унијата на млади сили од Кичево беше најорганизирана структура во партијата, па на секој собир и конвенции бевме поздравувани со овации и аплаузи, се до нашата смена во 2008год. После тоа, нашите наследници потфрлија, па УМС на Гази Баба ни го зеде местото. Исто така, сакам да ве потсетам дека Антонио Милошоски не се трудеше многу за Кичево во тие времиња, само од време – на време се гледавме во Бугарија на Пирин планина и толку. Исто така, Александар Николоски, сегашниот потпретседател на ВМРО – ДПМНЕ, кој патем е и најгласен со критики кон Бугарите, во тој период после заминувањето на Игор Гиевски во ВМРО – Народна го презеде претседателското место на УМС на централно ниво. Често доаѓаше во Кичево како младинец и низ разговори потенцираше „Јас учам од Илија Китаноски“, Илија му беше идол и инспирација за политика. Ацо, си ја пропуштил лекцијата за историскиот континуитет на ВМРО. Мојот колега, сега генералниот секретар на ДПМНЕ, Ѓорѓија Сајкоски, исто така беше ученик на таа школа од истите идеолози, плус добро ја познава историјата. Претседателот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, има корени од Кичево, за него немам што да додадам. Кичевската група беше таа која го донесе Никола Груевски на лидерската позиција во Панорама, кој подоцна владееше единаесет години. Мојата последна битка за Кичево беше на локалните избори 2013 година, тогаш разбрав дека некој во Скопје се пазарел во наше име за Кичево, без ние тоа да го знаеме, тогаш некој решил идеологијата и градот да ги замени за лични интереси. После тие избори си заминав од ВМРО – ДПМНЕ и денес сум таму каде што припаѓам, но за целата вистина за Кичево и сето тоа што се случуваше на тие избори, ќе пишувам кога ќе бидеме дел од Европското семејство, кога ќе излеземе од оваа агонија во која се наоѓаме не по наша желба.

За информација на Артан „први“, борбата за правата на Албанскиот народ не почна на калето во Скопје со камења како што мисли тој, туку почна од Кичево и неговите лидери – Али Ахмети, Муса Џафери, Фатмир Лимани, Фазли Велиу. Патем, сакам да го поздравам г-дин Фатмир Лимани, кој ги поздрави Бугарите во Македонија, покрај останатите народи во едно негово излагање. Другите не собраа храброст, за жал.

На мое големо задоволство борбата на Бугарите во Македонија започна во Кичево, со формирањето на Здружението за Македонско – Бугарско пријателство, а подоцна и политичката партија ГДУ.
Денес повторно се наоѓаме на крстопат и на чекор до политичка криза и ова е историска шанса сите да се обединат околу Европската агенда за Македонија и да почне процесот на европските интеграции, кој за мене е приоритет број еден, наспроти старите партиски агенди и ровови.

Ние како политичка партија, која има апсолутна поддршка од Република Бугарија, се обидуваме да помогнеме во решавање на спорот, ние немаме комплекси кон другите народи, знаеме дека сите заедно ќе бидеме дел од Европа, знаеме дека друг пат немаме.

Ги повикувам сите лидери од Кичево и оние кои учеле од нас, обединете се и ајде да ја однесеме Македонија во Европа. После ќе се натпреваруваме идеолошки.
Предлагам обединувањето да почне симболички од Кичево, да дојдат сите лидери на политички партии и сите лидери на народите кои живеат во Македонија. Да положиме свежо цвеќе на споменикот Мајка во Зајас, да положиме цвеќе на спомен костурницата на Китино кале во Кичево, да положиме цвеќе и на споменикот од илинденците Подуач – Рабетинска река и од тука да испратиме порака до Европа, дека сите ние сме Европејци. Дека враќање назад нема.

Прифатете ја оваа подадена рака сега во овој историски момент или молчете засекогаш. За да си простиме мораме да ја дознаеме вистината, тука нема дилеми, не само за нас туку и за сите народи кои живеат во Македонија. Она што го бара Европа од нас мора да го испорачаме. Клучот е во нас, ајде да ја отвориме портата на Европа. Комбинаторики од типот предвремени избори или ново парламентарно мнозинство, според мене ќе биде погубно за Македонија, ваква историска шанса нема да имаме. Нема простор за авантури и партиски суети, нема простор повеќе Македонија да крвари, ова е историска шанса, запаметете!
Социјал-демократите се јасни, имаат желба да се решат проблемите, освен една група на луѓе кај нив кои си го поделија капиталот помеѓу себе. Тоа е таа група што станаа олигарси на грбот на граѓаните, но тие се борат за друго, нивната цел не е Македонија.

За крај, сакам да и ја честитам победата на г-ѓа Данела Арсовска за Скопје. Доколку има бугарско потекло, ја повикувам тоа да го обзнани гордо, со крената глава, граѓаните се изјаснија и немаат проблем со нејзиното потекло, какво и да е, дури покажаа и симпатии, очигледно.

Извор: tribuna.mk