Мамо, ајде да не ја лажеме докторката веќе… Не падна по скали

/

Автор на овие редови е Наташа Суботин, докторка во ургентен центар во Србија

Во разговор со еден од полицајците на ургентно прашав шегувајќи се:

– Дали е ова некоја социјално лоша фаза, нешто од типот Ѕвезда ја пукна Лига на шампиони или така нешто…? Се обидувам да ја објаснам фреквенцијата на жртви од семејно насилство во ургентното одделение овие денови…

Човекот беспомошно ги спушти рамената.

Во претходниот месец беа наведени повеќе впечатливите случаи:

– Во текот на прегледот, синот на пациентката вели: – Мамо, ајде да не ја лажеме докторката веќе. Не падна по скали…
– Мене, докторке, ме тепаа… Мажот и неговите деца од првиот брак.
– Ги исеков вените бидејќи не можев да ги издржам ударите повеќе.
– Ја тепаше девојката со штица за месо 2 и пол часа.
– Ми ја удри главата од кревет, на мојот роденден, бидејќи го прашав дали ќе ме однесе некаде за роденденот.
– Поранешното момче ја киднапирало, ја затворило во колиба и ја тепало 30 часа.
– Не е ова првпат, но сега се закануваше дека ќе ја силува ќерка ми од претходниот брак.

И така натаму. Повеќето се расплакуваат во текот на прегледот, на многумина им недостига разговор и секој вид помош и заштита, повеќето трпат насилство постојано и велат: „Таков беше и мојот татко/брат/поранешен“.

Повеќето од нас не знаат дека односот не треба и не мора да изгледа така, на многумина им е всадено верувањето дека самите тие направиле нешто погрешно. Не е спорно дека за оваа тема експертите можат да зборуваат со денови. Не е спорно дека проблемот е системски и дека ништо не може без полиција, правосудство, социјални центри, околината и сите други актери, но не би зборувал за тоа. Не затоа што маргинализирам, туку затоа што се подразбира.

Размислувам за неодамнешниот разговор со пријателот, кога дојдовме до приказната за ќерката (5 години) на заеднички пријател, па рече:

– Сите машки во екипата се дружиме со неа и многу внимаваме како се однесуваме. Важно ни е уште додека е мала да ѝ покажеме како се однесува и каков треба да биде нормалниот маж и што треба да очекува.

Во таа смисла, а сметајќи дека на просечниот мизогинист не му значи многу женскиот апел, некогаш дури и е контрапродуктивен, можеби „Не си ти виновна“ кампањите или соседската верзија „Правда за девојчињата“ би биле далеку поефикасни кога гласноговорниците би биле мажи.

Ем господата склони кон тупаницата како аргумент би се одвоиле од глутницата на мажјаците, со што би се дисквалификувале како алфа-мажјаци, ем на жените жртви би им се разбило патолошкото уверување дека така мора да биде со машките и дека немаат на што да се надеваат.

Секако не е доволно, но би вредело да се проба.

Извор: deca.mk