Проверка на фактите – диктатура на илузиите и инженеринг на молкот

/

Пишува: Проф. д-р Звонимир Јанкулоски за Нова Македонија

Власта што не успеа да сфати дека слободата на говорот е бедемот на кој почива нашата демократија мора да си замине. А со неа мора да се демонтираат и да заминат чуварите на вистината во Македонија, кои во годините на заевизмот ги репресираа слободната мисла и слободниот говор.
Доста е. Ги убивте слободниот говор и слободата на изразување во Македонија. Доста ни е од оние интернет-паразити, таканаречени проверувачи на факти, кои во информативната војна во државава вистината ја претворија во оружје за масовни измами и политички манипулации. Направија маскенбал од слободата на говорот, манипулирајќи со фактите, замолчувајќи ги, вознемирувајќи ги, заплашувајќи ги и, уште полошо, уништувајќи ги луѓето што кажуваа работи за кои тие сметаа дека се погрешни, „невистинити“, или кои едноставно поддржуваа и помагаа политички опции што не се блиски со нивните. Се лаже секој што мисли дека проверувачите на факти го решија основниот проблем зад говорот што не ви се допаѓа. Низ системот на проверка на фактите само се ублажи симптомот, цензурирајќи го. Несаканите идеи замолчени од „учтивото“ општество неизбежно одат во илегала. Тие не исчезнуваат само затоа што не ни се допаѓаат и ги цензурираме.
Уште полошо, премолчувањето на овие идеи може да значи задушување на знаењето за самото нивно постоење. Тоа помага лошите идеи да станат поцврсти, да се шират и да мутираат пред да можат да се спротивстават со факти, логика и докази. Проверката на фактите можеше да биде моќна алатка во борбата против лагите на интернет. За жал, кај нас најбрутално се политизира вистината, а проверувачите на факти се претворија во средство за цензура, каде што не се проверуваа само фактите, туку и поинаквото мислење и наративи. Нивната цел беше да ги дезориентираат и дестабилизираат луѓето, да го искористат сомнежот на луѓето во себе, да ја уништат нивната способност да го гледаат светот иронично и критички, да ја уништат нивната способност за расудување, за да ги наведат да ѝ се потчинат на власта. Да ги претворат граѓаните во обични играчки на моќта.

Како да им објасниш на „нововерците“ на либерализмот во Македонија дека слободниот говор и слободата на изразување не само што се основни права што ја надминуваат политиката туку се и ефективна алатка за унапредување на прогресивните цели и социјалната правда. Слободата на говорот, без оглед колку и да не се согласувате со неговата содржина и без оглед колку е спротивна на вашите верувања, е составен дел на самиот либерализам и е најдоброто средство за дезинфекција на ваквите размислувања. Она што претходните генерации либерали го разбраа, а овие денешниве не се способни да го направат, е дека да им дозволите на другите да зборуваат не значи дека го одобрувате она што го кажуваат.
Сепак, дури и ако слободата на говорот никогаш не била идеја што нашите самонаречени либерали навистина ја поддржувале, сѐ повеќе се уверувам дека некои „прогресивци“ на транзицијата дури и не ја признаваат како легитимно право. Очигледно никогаш не им било грижа дека без целосно и неограничено право на слободен говор нема други права, нема слободна мисла, а без слободната мисла ние веќе не сме демократија. Што изгледа и не сме.
Исто така, да ги потсетам „прогресивните“ сили во општеството дека Уставот не прави разлика помеѓу „правилниот“ и „погрешниот“ говор, а уште помалку прави разлика помеѓу говорот што слушателот го смета за „омразен“, за разлика од говорот што го смета за достоен. Тактиката на казнување и замолчување на говорот денес од „прогресивците“ е слична, ако не и иста од времето на комунизмот. Токму ваквиот инженеринг на молкот се користеше, а гледам продолжува да се користи за да се обележи како еретик секое лице што отстапува од она што се смета за општествено прифатливо. Секако, од позиција на власта.

Реално зборувајќи, ние сме немале историја на слобода на говорот и слобода на изразувањето. Ние живеевме во општество каде што табуата против слободата на говорот и слободата на изразувањето, па ако сакате и на размислувањето, биле и се диктирани и насочувани од политиката, која штитејќи ги своите негувани политички митови и икони ги замолчува, сатанизира и цензурира своите противници, неистомисленици и критизери.
Со моќната алатка за замолчување – проверувачите на факти – се помогна вирусот на лошите, непроверени и морално банкротирани идеи да го зарази целото општество. Јадните тие, слугувајќи ѝ на власта, не можат да видат дека обидот да се задуши говорот секогаш и секако е лоша идеја.
Драги мои „прогресивни“ цензори, или како што милувате да се нарекувате – проверувачи на факти, екосистемот на отворена дебата и конструктивно слушање и критика е клучот за демократско општество и е најдобрата вакцина против говорот што не го сакаме. Едноставниот факт е дека цензурирањето на говорот е рецепт за авторитаризам и регресија. Цензурата секогаш била реакционерен чин и нѐ враќа во историјата кога била користена за замолчување на луѓето и нивно елиминирање. Не верувам дека ќе можете да го разберете ова, зашто вашите заробени умови не можат да видат што им прават на слободниот говор и изразување. Секако, во име на вистината. Вашата и онаа на вашите политички ментори и газди.

Извор: Трибуна