Другарчиња, зборувајте ни за фашизам овде и сега – ама прво погледнете се во огледало!

Пишува: Бранко Героски

Идеолозите на т.н. „прогрес“, на своите политички противници што ги прогласија за „зло“, деновиве им лепат етикети дека се „анти-НАТО и анти-ЕУ фашисти и нацисти“. Дали гледаат во вистинската насока?

Во последните соопштенија што ги лиферува штабот на СДСМ од Бихаќка, често и нападно се употребуваат термините фашизам и нацизам, во обид да се дезавуира политичкиот противник. Иако тоа повеќе зборува за една тешка форма на депресија во која е западната сѐ уште формално владејачката партија во Македонија, во принцип, не е спорно да се говори за актуелни инкарнации на најретроградната идеологија што ја одбележа историјата на човештвото во 20 век.

Секако, ако се знае што се зборува…

Во доцната, патолошка фаза на власта на Никола Груевски, на пример, јас отворено говорев и пишував за фашистичката природа на режимот. Препознав идентитетски инженеринг и обид за создавање нова нација наследничка на империјата на Филип Втори и Александар Велики, опсесија со антиката и со барокот во архитектурата во Скопје (неверојатни сличности со архитектурата на Третиот рајх), фасцинација со соколанскиот спорт, масовно образование, масовна култура, сѐ поизразен државен интервенционизам во економијата, нагласен етатизам („државата пред сѐ “), отфрлањето на индивидуализмот („се арчиме за Македонија“) итн.

За среќа, ВМРО-ДПМНЕ, постепено но сигурно, се одлепува од тоа наследство. И тоа е факт што мора да се регистрира.

За да се препознаат елементи на фашизам и нацизам во идеологиите и во политичките програми на ВМРО-ДПМНЕ и на Левица, на пример, не е доволно да се каже дека ВМРО го критикува Преспанскиот договор, а Левица се противи на членството на Македонија во НАТО.

Поголемиот дел од граѓаните на Македонија не го поддржа Преспанскиот договор на референдумот (па не можеме луѓето да ги обвиниме дека се фашисти, нели), иако ВМРО-ДПМНЕ денес неволно го прифаќа овој документ како политичка реалност. Од друга страна, има многу антимилитантни партии и движења во Европа кои се противат на членството во НАТО, па не се означени како фашистички или нацистички.

Шведска, Финска и Австрија не се членки на НАТО – дали тоа значи дека тие земји се фашистички?!

Начинот на кој денес социјалдемократите ги дефинираат поимите фашизам и нацизам и манипулираат со нив ме потсетува на манирот во кој сталинистите своевремено  секоја капиталистичка партија автоматски ја прогласуваа за „фашистичка“. Како што пишува еден автор, Сталиновиот диктум, во кој се тврдеше дека не само што не биле спротивставени, туку фашизмот и социјалдемократијата биле „близнаци“, своевремено доведе до опасна дезориентација во работничкото движење. Сталинистите ги нарекуваа социјалистите „социјалфашисти“ и ги сметаа за главни непријатели. Се разбира, не можеше да постои обединет фронт со „социјалфашистички“ организации, а тие кои што, како Троцки, бараа обединет фронт, беа етикетирани и соодветно третирани.

Колку спротивна на стварноста беше оваа сталинистичка линија се гледа и од нејзината интерпретација на американската политика, пишува овој теоретирар. Така, на изборите во 1932 година, американските сталинисти го прогласија Франклин Рузвелт за фашистички кандидат. Неверојатно, но вистинито.

Слична збрка, малку комична а малку трагична, создаваат пишувачите на коминикеа на СДСМ, поистоветувајќи ги италијанскиот фашизам, на пример, со германскиот националсоцијализам. Да се барем малку писмени и информирани, дечките од Бихаќка би можеле да прочитаат дека Адолф Хитлер никогаш себе не се нарекол фашист.

Како и да е, иако има многу различни интерпретации на феноменот (историски, политиколошки итн), мора да се согласиме со постоењето на генерички поим фашизам. А „генериката“ сепак најдобро може да се утврди со анализа на генезата на фашизмот во 20 век.

Само неколку реченици на таа тема. Фашизмот се појавува како одговор на длабоката општествена криза после Првата светска војна и се обзнанува како жестока критика на либералистичкиот индвивидуализам и на социјалистичкиот интернационализам. Одговорот на фашистите на кризата е цврста заедница и единство на нацијата, кои се воспоставуваат и теоретски и практично како етатистички проекти, наметнати со пучеви, со терор (Италија на Мусолини) и со крвна односно расна чистота (Германија на Хитлер).

Во текот на 20 век, но и подоцна, на разни простори, фашизмот живее и доживува инкарнации, но истовремено либералите и марксистите, како што вели теоретичарот, „го употребуваат како епитет или политичка пцовка за десничарите кои тие особено ги мразат, или воопшто, за реакционерите“.  Така како што деновиве кај нас идеолозите на т.н. „прогрес“ на своите политички противници што ги прогласи за „зло“, им лепат етикети дека се „анти-НАТО и анти-ЕУ фашисти и нацисти“.

Но, да се вратиме на обидот да дефинираме неколку најопшти карактеристики на генеричкиот поим фашизам, за да им помогнеме на дечките од „прогресот“ да не кинат зелени и да не се резилат. Така, без никакви амбиции во една колумна да поведам потемелна расправа за феноменот, ќе укажам само на неколку најопшти карактеристики на фашизмот како идеологија:

– Фасцинација со единството што треба да ја спаси државата, единство што се остварува со мобилизација на сите сили под водство на водачот, во борбата против неговата проекција на злото.

– Култ на личноста.

– Нагласен етатизам, државен интервенционизам во економијата, поддршка на корпоративизмот

– Силен авторитаризам, жесток притисок врз граѓанските права, отфрлање на индивидуализмот.

– Државна репресија и терор.

– Нетрпение кон општествената критика од било каков облик.

– Ксенофобија, национализам и омраза кон малцинските групи во општеството.

– Антикомунизам.

– Милитаризам.

– Повикување на аrgumentum ad populum (мислењето на народот) како основна политичка стратегија. Мислењето на народот, нормално, го толкува водачот.

– Демагогија и парадигмата „народот против елитата“ (теза која е основа и на модерниот популизам денес), како базична пропагандна стратегија.

– Во патолошките форми на феноменот, креација на нов поглед на свет (weltanschauung), со соодветни трагични последици во начинот на живот, семејните односи, религијата, културата, спортот…

– Експанзионистичка политика за проширување на „животниот простор“ (lebensraum).

Повеќе или помалку, тоа се координатите во кои може и треба да се бараат инкарнации на фашистичките идеологии во модерните општества. Реков веќе, обидот тоа да се стори сега и овде, денес во Македонија, е прашање на слобода на говорот, но секако и прашање на елементарно познавање на нештата.

Една од алатките што може да им помогне на дечките од Бихаќка да артикулираат било каква издржана идеја во оваа смисла, е многу едноставна – прво треба себе да се погледнат во огледало!

ПС. Патем речено, кај нас и поимот национализам најчесто се (зло)употребува за политикантски манипулации. Професорот Тони Дескоски напиша одличен пост на оваа тема. Го цитирам во целост:

„Во нашата јавност многу погрешно се портретира национализмот како a priori реакционерна идеологија. Напротив, национализмот денес е најмоќната и доминантна идеологија во светот.Национализмот беше движечката сила на национално-ослободителните и деколонизаторски движења во 20 век. Нашата НОВ и партизаните беа водени од првенствено од национализмот во борбата против фашистичките окупатори. Или некој можеби мисли дека комунистите ќе ги мобилизираа широките народни маси со ветување за социјализам и национализација на имотите?Меѓу многубројните националистички водачи од 20 век, веројатно најпознат е Махатма Ганди. Веројатно блиску по популарност е и Шарл де Гол…“

Извор: plusinfo.mk