Крај или нов почеток?

Пишува: Трифун Костовски

Шарената револуција во ниеден момент не припаѓаше на СДСМ, бидејќи нејзиниот состав беше толку шаренолик што по мене доби еден сериозен и автентичен граѓански концепт. Партијата СДСМ успеа Шарената револуција да си ја присвои со фактот што на одредени главни носители на оваа револуција им понудија адекватни и привилегирани места

Мошне се свежи настаните од завршените локални избори со невидено голема победа по број на Градоначалници и Советници на опозиционите партии во Република Македонија, посебно на ВМРО-ДПМНЕ.

Убеден сум дека се отвора едно ново поглавје во понатамошниот развој на Република Македонија, најнапред за нејзиниот сопствен развој, а потоа и вмрежување во Европската заедница.

Сигурен сум дека народот ја казни лошата политика на Зоран Заев кој ја практикуваше власта исклучиво спрема своите разбирања и своите лични толкувања како треба да ја креираме иднина на Република Македонија. Ваквата политика беше од почетокот многу лошо поставена. Ако добро се сеќаваме Господинот Заев дојде на власт без изборна победа и со помош на меѓународниот фактор кој го убеди најсилниот политички играч во Албанскиот блок, тоа е партијата ДУИ, да влезе во коалиција наместо со дотогашниот коалиционен партнер ВМРО-ДПМНЕ, овојпат со СДСМ.

Заминувањето на господинот Груевски беше неминовно после веќе објавуваните бомби, а и силната Шарена револуција, во која сите граѓани на Република Македонија без разлика на нивната верска, национална и партиска припадност не го скриваа своето незадоволство од практикувањето на власта во времето на Господинот Груевски.

Шарената револуција во ниеден момент не припаѓаше на СДСМ, бидејќи нејзиниот состав беше толку шаренолик што по мене доби еден сериозен и автентичен граѓански концепт. Партијата СДСМ успеа Шарената револуција да си ја присвои со фактот што на одредени главни носители на оваа револуција им понудија адекватни и привилегирани места. Факт е дека СДСМ купи неколку активисти од Шарената револуција, меѓутоа не ме купи мене и многу слични како мене кои недвосмислено ја подржувавме таа граѓанска иницијатива.

Констатирам дека незадоволството од ефектите на Шарената револуција од брзоплетотот водење на меѓусоседска политика со Грција и Бугарија и заради исклучително лошите внатрешни, особено економски политики беа доволни да се даде црвен картон на владеачката СДСМ.

Најавата за оставка на Премиерот Заев од Премиерското место и функцијата Претседател на СДСМ е потег за неверување. Замислете Господинот Заев поднесува оставка на две клучни функции во период кога ги изгуби локалните избори, посебно Градот Скопје…. Шегата на страна. Господинот Заев е Претседател на Владата на Република Македонија, што значи централната власт. Локалната власт не е негова ингеренција и по вокација требаше и во целиот периодот на изборни кампањи да ја води Владата и да ги решава проблемите на највисоко централно ниво. Тој влезе во дневна политика, во дневните настани, шетајќи од село до град, убедувајќи ги граѓаните дека треба да го дадат гласот за него, односно за неговите кандидати кои тој лично ги одбра, бидејќи ваквата султанска политика во неколку наврати се покажа како погубна за партијата на власт.

Лошите политики народот ги казнува. Далеку од тоа дека кандидатите на опозицијата ќе внесат мед и млеко во локалната самоуправа и убеден сум дека ќе се соочат со многу проблеми во нивното работење имајќи предвид дека финансиските извори за собирање средства на општините се многу лимитирани.
Се прашувам дали поводот за оставката на Господинот Заев се загубените локални избори, или неможноста да се справи со предстојните предизвици за Република Македонија на централно ниво.
Најсилниот предизвик за актуелната Влада е справување со енергетската криза која го тресе целиот свет. Од партијата на власт до моментов не видовме проект за справување во оваа битка, бидејќи повеќе од јасно е дека зимата ќе биде долга, студена и без струја.

Другите од негова страна отпочнати, а не звршени работи се исто така голем проблем за неговиот наследник, а тоа се прашањата поврзани со нашиот сосед Бугарија и утврдувањето на датум за отпочнување на преговори со ЕУ. Понатаму, пандемијата ковид-19 и понатаму беснее. Владата на Господинот Заев се покажа како лош менаџер во справувањето со ова зло. Ние сме една од ретките земји каде ни се случуваат пожари во модуларните болници и една од последните земји во обезбедувањето вакцини за локалното население.

Почитувани, овие предизвици бараат сериозни луѓе, бидејќи времињата кои што доаѓаат ќе бидат многу тешки и ќе биде неподносливо за обичните граѓани во своето секојдневие да се соочат со покачени цени во исхраната, облеката и користењето на енергенсите ресурси. Убеден сум, ако не се реагира на време можни се сценарија кои ќе ја дестабилизираат Македонија не од политички туку од социјален аспект.

Чувството дека се најдовме во неочекувана тешка состојба пред предстојната зима, уште повеќе наложува знаење, прагматичност, умешност, кај тој што треба да ја преземе оваа одговорност да ја води Владата на Република Македонија, а уште повеќе да дозволи во самата СДСМ да се испрофилираат кадри со вграден вредносен систем, знаење, искуство и луѓе посветени на политиката.

Време е за чистка во СДСМ. Прашање кое што се поставува, а е многу битно за иднината на Македонија е какви профили на луѓе и тимови ќе се изнедрат во СДСМ. Силна СДСМ, значи силна Македонија.

Силината во партиите ја прават поединци и тимови кои имаат заедничка цел и кои се грижат за заедницата, не само на зборови туку со дела. Најсвета цел за секој политичар би требала да биде благосостојбата на неговиот сограѓанин.

Завршувам со мошне свежата импресија од настапите во вториот изборен круг на Господинот Мицковски, лидер на опозиционата ВМРО-ДПМНЕ кој на народот му понуди тоа што сака да го слушне, а тоа дека иднината треба заеднички да ја градиме и дека јасно им порача на идните градоначалници од нивните редови дека треба да им служат на граѓаните кои живеат во тие Општини. Би сакал да верувам дека своите јавно искажани зборови ќе ги практикува во иднина.

Дилемата дали ставивме крај на едно лошо водење на државата? Дали ќе имаме почеток на нова иднина, каква иднина? Остануваат отворени ваквите прашања…

Почитувани, тоа се дилеми кои го мачат секој граѓанин, без разлика на неговиот статус, националност, вера или партиска припадност. Од нас зависи.

Извор: plusinfo.mk