„Левијатан“ на Андреј Звјагинцев како метафора за војната

Пишува: Кица Барџиева – Колбе

Не може Путин и патријархот Кирил да ги вратат „светите земји“ на Киевска Рус, убивајќи луѓе и уништувајќи домови во освојувачка војна. Тоа не може да се „благослови“ со пароли за „метафизичка“ војна.

Одамна се кандисувам да напишам нешто за темата „Големиот инквизитор“. Затоа пак почнав да го читам „Браќа Карамазови“. Таму една мисла ме натера прво да напишам нешто за филмот на Андреј Звјагинцев, „Левијатан“, за кој тој во 2015-та ја доби „Златната палма“ во Кан. Снимен е во гратчето Териберка, на брегот на Баренцовото Море. Далеку од Москва, уште подалеку од Европа. Предел на тагата и исконската убавина. Без дрвја. Само море, небо и голи ридови. Ледена пустина. Одлична фаустовска сценографија за драмата на изборот меѓу доброто и злото. Впрочем, книгата Јов е една од инспирациите на Звјагинцев. Не само затоа што таму се споменува чудовиштето Левијатан кое живее во морето. Јов е и праведникот кој ненадејно губи сѐ. Секако, тоа е парабола за силината на верата во Бога. Но и кај Звјагинцев се работи за верата во Бога. За тоа дали човекот во „главата“ го има Бога или црквата како ритуал. Ако го има Бога во умот, во срцето, тој може да ја разбере пораката на „Левијатан“.

Филмот бил тест за него самиот, но и за публиката, за „степенот на довербата во Бога“. За тоа „дали го знам Христа“ или обредите на верата. „Доколку свето верувам дека ме спасува обредот, тогаш ќе бидам категорички против филмот ‘Левијатан’“, вели тој.

Многумина во РПЦ реагираа негативно на филмот. Некои бараа цензура, а дури и забрана. Во 2015-та Путин донесе закон во уметничките дела да не се употребуваат „недолични изрази“ и псовки. Тие, подоцна, беа отстранети од филмот. Приказната е едноставна, затоа и универзална. Еден корумпиран градоначалник, поддржуван од владиката, сака да му го одземе домот на Николај, автомеханичарот, потомок на рибари во три генерации. Затоа што тој дом се наоѓа на најубавата извишинка со поглед врз моето, на која владиката сака градоначалникот да му изгради нова, голема црква. Недалеку од неа има стара црква, но таа е премногу малечка. Во приказната веднаш се препознава состојбата во денешна Русија. Што, патем, значи дека таа може да се одигра и во секоја друга православна земја. Филмот го покажува „искушението“ на православната црква кога таа ќе се обедини со власта, кога ќе ѝ станат многу важни моќта и парите.

Во 17-от век, филозофот Томас Хобс го нарече делото за филозофијата на државата „Левијатан“, според старозаветното чудовиште. Тоа треба да ја стави под контрола природната состојба на „војна на сите против сите“. Филмот раскажува со силни слики. Со костурот на огромен кит на брегот. Крај него се распаѓаат стари рибарски кораби. Безизлез, очај и остатоци од свет што пропаднал. Советската држава е костурот на левијатанот од длабочините. Само што новиот „левијатан“ е уште пострашен од стариот. Кога нема праведни судови во државата, вели Звјагинцев, кога бездната помеѓу безмерно богатите и крајно бедните станува сѐ подлабока, тогаш се распаѓа темелниот поредок. Државата се преобразува во „првобитната“ состојба на војна за која зборува Хобс. Во неа обичниот човек нема заштита, затоа што и полицијата и судовите и политиката станале „друмски разбојници“.

Самоволието владее со сѐ. Врз сѐ бдее сенката на злото. Во филмот се опиваат не само родителите, туку и децата. Насилството трепери во воздухот и во секој миг може да експлодира. Тоа е слика на длабоко милитаризирано општество. И Николај и пријателот Димитри, неговиот адвокат, и другите пријатели ги поврзуваат спомените на двете децении поминати во армијата. Нивните излети со сопругите и децата се „вежби во стрелање“. Сите имаат пушки. Мета им се портретите на Ленин, Елцин, Горбачов и Брежњев. Овој живот треба да биде новиот поредок на слободата, кој повеќе не го диктира „партијата“, туку православната црква. Таа е „самопослугата“ за духовни потреби. Владиката и селскиот поп се новите духовни водачи. Сите, особено жените, постојано зборуваат за верата. Единствениот кој го изговара клучното прашање за тој болен свет е адвокатот Димитри, атеистот. Тој небаре ги обединил во себе ликовите на Иван и Димитри Карамазов. На прашањето на жената на пријателот Коља, со која ја поминал ноќта, „дали верува во Бога“, тој низ заби ја мрмори прочуената реченица, која во „Браќа Карамазови“ ја изговара старецот Зосима при првата средба со Димитри Карамазов. Имено, дека секој човек е виновен не само за своите гревови, туку и за сѐ и за сите. На крајот на филмот, Николај е во затвор затоа што ја убил од љубомора жена си, која веројатно се самоубила. Булдожерот, како голем ѕвер, ја „раскинува“ со челуста куќата на Николај, а на нејзиното место потоа ја гледаме огромната нова црква.

Зошто го гледам филмот „Левијатан“ како метафора и за војната во Украина? Затоа што тој покажува дека војната веќе владеела со општеството. Путиновата власт е одамна во војна со своите граѓани. Затоа беше само прашање на време кога агресијата ќе се канализира од „идеолозите“ на новото време во војна кон „непријателите“. Кон Западот, кон Украина. Владиката во филмот ја смирува совеста на градоначалникот велејќи му дека секоја власт е од Бога. И дека власта значи сила. Која тој треба да ја примени. Во следната сцена група насилници го претепуваат Николај, а потоа и адвокатот Димитриј. Тој се враќа во Москва. Владиката смета дека „светата цел“, изградбата на црква, ги оправдува средствата. Меѓутоа, црква не може да се изгради врз несреќата на бедниот човек, оставен на милост и немилост на корумпираната власт.

„Левијатан“ го демаскираше уште 2014 оправдувањето на патријархот Кирил дека руската армија води во Украина „метафизичка војна“, во одбрана на Русија од „декадентниот Запад“.

Звјагинцев, кој за себе вели дека не е црковен човек, иако е крстен, ги лоцира јасно „искушенијата“ на денешните православни. Не може Путин и патријархот Кирил да ги вратат „светите земји“ на Киевска Рус, убивајќи ги луѓето и уништувајќи ги нивните домови во освојувачка војна. Тоа не може да се „благослови“ со пароли за „метафизичка“ војна. Црното не може да се направи бело, учи Евангелието. Војната во Украина е освојувачка. Таа е војна за територии, а не за „свети места“. Светото место во кое се вселува Бог е човечкото срце. Таму е храмот, кој не е изграден од камен. Храмот во филмот „Левијатан“ е студен храм на злото, во кој сите пред владиката стојат со окаменети лица – од страв. Црквата од која се плашат децата, како синот на градоначаникот во финалната сцена, не е Христовата црква. Таа е „мрачниот двојник на црквата“, за кој одамна пишуваше рускиот богослов Сергеј Фудел.

„Кога чувствуваш постојан страв да бидеш чесен и искрен, кога не сознаваш дека твојата главна задача е да ја говориш вистината – ти не си слободен“, вели Звјагинцев.

Диодор Ларионов, руски монах, пишува дека „Левијатан“ говори за загубата на верата. „Левијатанот ја крева главата кога на крикот на тие грешници, алкохоличари, блудници и убијци црквата одговара со реторика, со смирување на совеста, со помпезни литии, грандиозни градби. Ослепена од светлината на левијатанот, таа научила да игра, седејќи му во скутот, и не забележува дека заедно со него се устремила кон дното. Левијатанот е таму каде што наместо риби се нуди камен, наместо вера – лицемерие.“

Извор: Либертас.мк