Мирноизборената независност ја должиме на мудроста на Глигоров

/

Пишува: Благојче Атанасоски

Како дете, секогаш во мене буделе чувство на гордост, радост, некоја емоционална исполнетост, да не бидам патетичен, но и насолзување секој пат кога ќе ги чуев прославно-пригодните, одбрани зборови: „Да ви ја честитам слободна, суверена и самостојна Македонија!“ на стариот, таткото на македонската независност, кој во своите веќе одминати политички години, храбро и одважно го зеде „крстот“ (тешкиот товар) на процесот на реализирање на македонската независност. Како најискусен помеѓу другите, со својата мирољубива, луцидна и државничка политика, Македонија успеа да ја осамостои без ниту еден испукан куршим, во крвопролевачкиот траорен распад на поранешната заедничка држава Југославија, која при процесот на дисолуција на останатите нејзини републики влезе во најголемата и најбестијалната во крв до колена војна, во која жртвите се броеја во стотици илјади, а раселените во милиони.

Глигоров е потценет политичар

Дали ние сме свесни денеска, но уште поважно и благодарни, после точно три децении каква беше историската улога на Киро Глигоров (македонскиот Махатма Ганди), во утврдувањето на македонската независност и во етаблирањето на нашата мирнодопска државност во најкрвавите воени времиња? Често пати сум пишувал дека историјата е мелница која меле сè пред себе и никому не простува. Како и сè во животот, така и низ историскиот временски теснец траекторијата на развој на една држава не е од Бога дадена, туку таа најмногу зависи од одлуките кои нејзините државници во дадениот момент ќе ги донесат и ќе ги реализираат.

Дали државно-правната историја на Македонија, веќе во далечната 1991 година можела да заземе поинаков тек од дотогашниот? Дали Македонија можела да влезе во крвава војна со сè уште легитимната Југословенска народна армија (ЈНА), која го беше запоседнала македонскиот суверенитет и државен простор таа година? Дали таа евентуална таква војна би предизвикала, можеби и крвава граѓанска војна со многубројното етничко албанско малцинство кај нас кое не би сакало одново да биде под доминион на Србите? И дали, како капак на сè, во тоа проектирано сценарио би можеле да се вмешаат армиите на добропознатите ни соседи Грција и Бугарија?! Се разбира дека да!

Знаете на што ќе личеше денес Македонија при едно такво сценарио и после неговиот расплет?! Па, на една Босна и Херцеговина ќе ѝ завидувавме! Тоа е улогата на Глигоров, која некој денеска малициозно, тенденциозно и перфидно сака да ја минимизира, релативизира и да ја денунцира, давајќи ѝ други ноти. Сепак, настаните се од нашето поблиско минато и нема како да бидат фабрикувани, искривоколчени и ставени во дневнопартиска калкулантска политика.

Тие навистина се бореа за Македонија

Кога денеска со жолчна страст плукате по првиот министер за надворешни работи, професорот Денко Малески, најдоверливиот човек на Глигоров кој може низ меѓународните испреплетени води и односи да се избори за тоа што ние потоа сме го нарекле „оаза на мирот“, сетете се само како Малески, заедно со уште неколкумина владини министри, станале од конференциската маса во една западна земја, кога лордот Карингтон им шепнал затскривајќи се зад салфетка дека „оној дебелион (н.з. Слободан Милошевиќ, заедно со грчкиот премиер Константинос Мицотакис, таткото на денешниот премиер Киријакос), сакаат да ја поделат вашата земја“. Знаејќи што значи тоа за „нашата земја“, усојузениот пакт на релација Белград-Атина, и какви реални последици тој тандем оставил и како ја осакатил етногеографската, јазичната и културолошката територија на Македонија пред речиси деведесет години, но и траорното искуство кое во меморискиот код како нација сме го носеле до тој момент, и колку центрифугалните сили во овие две наши соседни моќни балкански земји ќе сакаат одново да нè вовлечат во вителот на крвавиот балкански расплет од кој секогаш ние најмногу сме страдале, односно сме го „јаделе најдебелиот стап“, Малески и министрите веднаш, промптно, го напуштиле состанокот и бргу се вратиле во Скопје за да го информираат претседателот Глигоров, но и другиот државно-воен македонски врв за новата опасност надвисната над судбината на Македонија и македонскиот народ.

За да се спречи „новиот Букурешт 2“ нашиот прв човек побарал поддршка за осуетување на таквиот налудничав план од страна на политичкото водство на нашите северни и јужни соседи токму од претседателот на нашиот источен сосед Бугарија, кој денеска пак, го попречува нашиот евроинтегративен, но и државен развој. Тогаш, првиот демократски избран претседател на Бугарија Жељу Желев го убедувал, но и го смирувал Глигоров, заедно со неговите соработници, да не се плашиме, бидејќи ова „не е 1913 година, денес Македонија е независна држава, со сопствен изграден македонски национален идентитет“. Можеби на овој начин, преку таа средба, злобните духови од минатото не се разбудиле, односно се повлекле од своите мрачни намери. Добро е денешните бугарски политичари да поднаучат од мудроста и од прагматичноста на нивниот прв претседател после 1989 година.

Нема ништо за славење!

Три децении можеби не се голем временски период во политичко-општествениот и економско-стопанскиот развој на една држава, но пак, не се воопшто ни малку вие да не се помрднете од мртва точка, што велиме. Напротив, уште полошо, во голем број на сегменти и да назадувате. Што можеме да славиме и дали воопшто остана нешто да се (про)слави, на овој 8 септември?! Освен поставувањето на темелите на современата македонска држава во раните години – 1990, 91, 92, сите наредни беа невидена катастрофа од библиски размери за општествениот развој, колективно-социјалното живеење и битисување на овие 25.713 километри квадратни. Доминантните политички елити, заедно со нивните крлеж децениски сателити партиички се директни упропастувачи на надежните зборови на Глигоров од плоштадот „Македонија“, вечерта кога ни ја честиташе независноста на Македонија, со надеж за просперитетна и држава на благосостојба со среќни, успешни и реализирани граѓани. Од искрените честитки и посакувања, во реалност се случи спротивното.

За тоа сме виновни, исклучиво самите ние. Бидејќи, „каков народ-таква власт“, велат старите. А на најстариот, најмудриот, првиот во деведесеттите, треба да го вградиме во пантеонот на македонската државност и секој 8 Септември да се поклонуваме на неговиот лик и дело, бидејќи да не беше тој и ова што денеска го имаме, тешко дека во оваа форма ќе го имавме.

Извор: slobodenpecat.mk