Зaдушница како презир

Пишува: Владимир Перев

Имаше еднаш едни комунисти на Балканот. Лажеа за сѐ и сѐшто, лажеа за парите, за еднаквоста, за светлата иднина и за многу други нешта кои требаше да ги донесат со себе сѝ. Најмногу лажеа за верата во Бога, за (не)постоењето на Бог и за непрактикувањето на верата како цивилизациска тековина. Беа во право-комунизмот не беше цивилизациска тековина и имаа право да не веруваат во Бога, во Божјиот суд и во практикувањето на верата. Се покажа дека и за тоа нѐ лажеле-по распадот на тој нецивилизациски систем се покажа дека кај најголемите комунисти, најдлабока била верата во Бога, па затоа најпрво и ги возобновија верските објекти, изградија нови и се прчеа пред нив, лажејки не дека никогаш не биле атеисти.

Триесет години по распадот на системот на комунизмот кај нас, работите се навидум променети, барем во својот надворешен изглед. Сега сите се гордеат со верата во Бога, палат и свеќи по црквите, посебно ако има некоја телевизиска камера да ги слика, за бесрамно да се додворуваат како на народот (кој ги бира и многу го сакаат!) и на црквените великодостојници, кои по правилото на нашите цивилизациски тековини, би требало да се понастрана од овоземните политички настани. Ама што да се прави, кај сите се гледа дека ја прочитале единствената напишана книга на италијанскиот аристократ Ѓузепе Томазо ди Лампедуза, познатиот “Гепард“ (или филмот на Лукино Висконти), па напамет го научиле мотото на филмот дека “нештата треба да се променат, да би останале исти“. Така, отпадокот од комунистичката номенклатура премина во ДПМНЕ, за тоа, последното ВМРО, да го претворат во србоманска, антиевропска и антицивилизациска партија, подопашник на Вучиќ и, зошто да не, сателит на Путин. Истовремено, ослободените од стогодишниот гнет на Југославија и комунизмот, некои од потомците на старите вмровци, исфрлени од радикалните припадници на ДПМНЕ-то, тргнаа да го побараат своето ухлебие во левите сили, нудејќи им ја својата европска визија и амнестија од злосторствата на нивните предци.

Горе-долу работите останаа исти, по теркот на “Гепардот“- сега сите веруваат во Бога (барем така велат), но остана проблемот со практикувањето на верата.

Задушница е празник на верата, ден кога се сеќаваме на мртвите, ден кога оддаваме почит на мртвите. Задушница е и нешто повеќе-тоа е ден на нашето прочистување, нашата вера дека постои Бог и опрост на нашите гревови, тоа е прочистување на нашите овоземни битија, прочистување на кое, пред Бога, свидетелствуваат душите на нашите блиски, починати или паднати во борба за сопствената визија во надеж за подобар живот на оние кои доаѓаат по нив, во овој наш овоземен и грешен свет. Задушница е почит и признание кон мртвите.

На 6 ноември е Архангеловата задушница, кај нас и кај некои наши соседи позната како “машка“ Задушница или “војничка Задушница“. На тој ден традиционално, армиите не некои земји ги посетуваат гробиштата на паднатите во борба војници и се одржува пригодна служба.

Архангеловата задушница е голем празник на Бугарија како држава, но исто така и празник на Армијата на Република Бугарија. Во Македонија тој празник традиционално, како за време на комунизмот така и сега, се чествува на гробиштата во село Цапари, Битолско, каде што се врши пригодна богослужба. Во “југословенските“ времиња, за време на Задушницата, селаните од село Цапари, заедно со некои видни граѓани на Битола но и од Македонија, ги посетувале бугарските воени гробишта во Цапари и оддавале почит на загинатите бугарски војници за време на Првата светска војна и закопани, како во дворот на селската црква, така и на издвоените гробишта над селото. Гробовите и паметниците во селската цркава се зачувани, а војничките гробишта биле поравнати од суровоста на природата но и од суровата рака на режимот. Денес тие гробови се обновени по иницијативата и ангажманот на Лука Станчев, еден голем бугарин, со право сметан за еден од последните бугарски преродбеници. Сепак, вистинските херои на оваа приказна се жителите на Цапари кои речи си стотина години се грижат, во рамките на своите можности, за гробовите и споменот на војниците паднати на бојното поле.

Оваа година, на 6 ноември имаше комеморација на загинатите бугарски војници на гробиштата во Цапари. Се интонираа македонската и бугарската химна. Тука беше и нашето знаме, и бугарското и знамето на НАТО пактот. Учествуваа странски дипломати и високи воени претставници, а пригодно слово одржа амбасадорот на Република Бугарија во Македонија, г-н Ангел Ангелов. На сите нас, силен впечаток ни оставија неговите думи, поточно цитатот од големиот поет Димчо Дебелјанов дека, “мртвиот не е наш враг“! Дебелјанов е исто така жртва на војната, и тој го губи животот во виорот на Првата светска војна…!

Имаше шаренило од униформи. Тука беа бугарските офицери и воениот аташе, беа претставници на армиите на САД, Италија, Хрватска, Србија и Унгарија…немаше присутна униформа на Армијата на Република Северна Македонија.

На Задушница, на територијата на нашата Македонија, немаше македонска воена униформа, немаше нито еден македонски офицер или државен великодостојник да оддаде почит на мртвите војници. Тука беа сите, и пријатели и непријатели и сојузници и спротиставени, некои дури и во двете Големи војни, нѐ немаше само нас македонците.

Непочитувањето на Задушница не е само грев, тоа е и презир кон мртвите и кон верата во Бога. Така беше до скоро време. Сега веќе е и непочитување, презир кон оние кои ги нарекуваме наши сојузници, презир кон нашите соседи и кон НАТО пактот.

Една мала земја и еден малуброен, политички конвертитски народ, на Задушница на целиот свет, му го прикажаа своето озлобено лице. Нашите сопствени, “транзициски“ неуспеси не туркаат во параноидната философија на “народ опкружен со душмани“, а неуспехот да се надминеме себе си, го компензираме со одбивност кон надворешниот свет. Дали стигнавме до фазата и мртвите да се наши непријатели, дали сакаме сите наши изгубени битки да ги пренесеме и во оној, “надземниот“, духовниот свет.

Сигурно е дека комунизмот си замина, ама лагата остана меѓу нас!

Во училиштата нека имаме еден час за Димчо Дебелјанов…така ќе научиме за љубовта, за патриотизмот и за човекољубието, нешта толку нужни за сите нас во овие мигови. Така, наместо презир, Задушница ќе биде празник за почит на мртвите и за љубовта меѓу живите.

Извор: Трибуна