АХВ: Уште во 2019 година се преземени мерки против африканската свинска чума

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ја демантира и осудува изјавата на претседателот на Комисијата за земјоделство на ВМРО-ДПМНЕ, Цветан Трипуновски, дека ветеринарните власти не презеле никакви мерки за заштита од вирусот на африканска свинска чума во изминативе години.

„Доколку посветено ја следеле работата на АХВ, наместо да сеат лаги и да ги манипулираат сточарите и јавноста, ВМРО-ДПМНЕ ќе знаеа дека мерката за забрана за чување на свињи на отворено за која тие наводно алармирале, е донесена и е на сила уште во 2019 година, заедно со сетот мерки за спречување на појава и ширење на вирусот во земјава, кој неколку години наназад беше присутен во некои од соседните земји.

Депопулацијата на свињи кои се чуваат на отворено и недозволено на депониите, вклучително и во Делчевско, но и во одгледувалиштата кои немаат воведено биосигурносни мерки, или тие се на многу ниско ниво, е дел од мерките кои Агенцијата ги презеде во изминатите две години, а со кои како дел од сетот превентивни мерки кои се преземаа беа заклани и економски искористени над 2 илјади свињи.

Изјавата на директорот на АХВ, Николче Бабовски, за состојбата со болеста, дадена токму на депонијата во Делчево, имаше единствена цел – да посочи на неправилностите и непочитувањето на мерките кои АХВ ги донесе уште пред три години и со кои забрани чување на свињи на отворено. Токму грлата, за кои како што вели во изјавата почитуваниот Трипуновски “се шетаат” на депонијата, како дел од мерките на АХВ беа убиени и закопани во јамата гробница на оваа депонија.

Доколку е сериозна, опозицијата не треба да дозволи да ја манипулира јавноста и да ги доведува во заблуда одгледувачите на свињи дека државата не реагира и не презема мерки за справување со болеста. Ако сериозно мислеше да им помогне на сточарите, мерките за кои како што велат од ВМРО-ДПМНЕ алармирале уште пред три години, требаше да ги достават до одговорната институција за тоа – до АХВ, а не да се расфрлаат со душтегрижништво по медиумите.

Болеста е под контрола и тоа одговорно го тврдиме. Во експресено брз рок спроведена е мерката за депопулација на свињите во радиус од 3 километри од двете жаришта во Делчевско, а мерката за фармите со висок ризик, ќе продолжи да се спроведува и на фармите во зоната под надзор во радиус од 10 километри.

Во поглед на овој вирус, ефикасен е воспоставениот систем за контрола и лабораториско испитување на секоја пратка свинско месо и производи од свинско месо кои доаѓаат во земјава од држави каде болеста е потврдена, како резултат на што се уништени две пратки во кои е детектирано присуството на вирусот. Една по потекло од Бугарија, другата од Германија.

ВМРО-ДПМНЕ да не се грижи. Досега ефикасност е потврдена и на мерките за контрола на болеста кај дивата популација свињи“, наведуваат од АХВ во реакцијата.

Текстот АХВ: Уште во 2019 година се преземени мерки против африканската свинска чума е превземен од МАКФАКС.