Актерот Петар Мирчевски ја доби битолската награда „4 Ноември“ за животно дело

Во возобновениот Офицерски дом во Битола, синоќа се одржа свечена церемонија на којa наградата за животно дело „4 Ноември“ му беше доделена на доајенот на битолското и македонското глумиште, актерот Петар Мирчевски.

„Чест ми е што го добивам ова високо признание за животно дело. Горд сум што можев на својот мајчин македонски јазик да го промовирам мојот матичен театар, Народниот театар од Битола, мојот град Битола и мојата земја Македонија низ многу земји во светот. Му се заблагодарувам на моето семејство од кое секогаш имав голема поддршка, но и на мојот театар, на мојот град Битола и на моите битолчани. Посебна благодарност до битолската публика која ме следеше сите овие четири децении низ моите театарски, телевизиски и филмски оставрувања. Секогаш ме бодреше, поддржуваше и мотивираше да истраам во она што го работам. Ако не беше битолската публика немаше да бидам ни јас она што сум затоа ви благодарам и Ви се поклонувам“, истакна Мирчевски.

Гудачкиот квартет „Вива Стрингс“ настапи во музичкиот дел од програмата, а по завршувањето на свечениот дел, Офицерскиот дом беше отворен за сите посетители, кои беа послужени со тикварник, онака како што досегашната градоначалничка Наташа Петровска вети дека ќе биде при отворањето за битолчани на Офицерскиот дом.

Офицерскиот дом ќе биде отворен и денес на одбележувањето на 4 Ноември, Денот на солободувањето на Битола, за сите оние кои сакаат да го посетат, а настанот ќе биде збогатен со музичка програма на учениците од битолското музичко училиште.

Текстот Актерот Петар Мирчевски ја доби битолската награда „4 Ноември“ за животно дело е превземен од МАКФАКС.