Антикорупциска: 710 поранешни функционери не поднеле анкетен лист, ќе добијат парични казни

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) утврдила дека во 710 случаи на лица кои во предвидениот законски рок од 30 дена по престанокот на нивната функција до антикоруционерите не поднеле анкетен лист, поради што ќе им биде изготвен прекршочен налог. До бројката на поранешни функционери комисијата дошла по увидот во годинешните изданија на Службен весник во делот на избори и по сопствената евиденција.

Против сите лица за кои е утврдено дека во законски утврдениот рок не ја исполниле законската обврска за поднесување анкетен лист до Комисијата, информираше претседателката Билјана Ивановска, ќе им се издаде прекршочен платен налог, за сторен прекршок во членот 82 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси.

„Ова значи дека се работи по сите овие предмети, се обезбедуваат податоци онаму каде што недостасуваат, имајќи предвид дека во Служебен весник има податоци само за име и презиме, нема матични броеви, така што за сите овие лица ќе им се изработат платни налози односно ќе започне прекршочна постапка понатаму доколку не ги платат платните налози“, објасни Ивановска, додавајќи дека како ќе бидат завршувани предметите на кого се однесуваат, така ќе бидат и објавувани.

Текстот Антикорупциска: 710 поранешни функционери не поднеле анкетен лист, ќе добијат парични казни е превземен од МАКФАКС.