Арсовска: За две години ќе ги разрешиме проблемите на скопјани

Кандидатката за градоначалник на Град Скопје поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска, вечерва на промоцијата на кандидати во Гази Баба, истакна дека нејзината визија за Скопје е град кој ќе ја негува традицијата, а гледа кон иднината, како и еколошки чист град без сообраќаен метеж.

„Знам дека вашата бројност се должни и на фактот на разочараноста од тоа што ни се случува во моментов во градот Скопје, а од друга страна уверена сум дека сакате да дадете поддршка на она коешто е вистинското решение за градот Скопје за следните четири години“, рече Арсовска.

Арсовска ги посочи проблемите кои граѓаните како дел од Скопје ги имаат во Гази Баба како проблемот со чистата вода за пиење во некои делови од општината, немањето на фекална канализација во одредени делови, кои како што рече се проблеми кои не се за во 21 век, како и сообраќајниот метеж, но и огромното загадување предизвикано од некои капацитети.

„Знам и верувам дека во следните четири години овие проблеми веќе нема да ги има за вас како скопјани, гарантирам дека сите овие проблеми ќе ги разрешиме во првите две години, а веќе во следните две години ќе настапиме со нови проекти“, истакна Арсовска.

 

Текстот Арсовска: За две години ќе ги разрешиме проблемите на скопјани е превземен од МАКФАКС.