Бошњачкиот демократски сојуз ја поддржува иницијатвата за промена на изборниот модел

Пред 3 години Бошњачки демократски сојуз (БДС) поднесе иницијатива за промена на Изборниот законик со која бараше воведување на една изборна единица со гарантиран број на на пратеници за припадниците на останатите народи кои се наведени во Преамбулата на Уставот, посочуваат од оваа партија.

„За жал, ниедна од поголемите политички партии не сакаше да го разгледа овој предлог на БДС. Во сегашното Собрание, Бошњаците немаат свои пратеници кои ги застапуваат националните интереси на Бошњачкиот народ во Северна Македонија затоа што овие пратеници се избрани преку листи на партии кои не се бошњачки, односно кои по својата политичка идеологија припаѓаат на граѓанска левица или десница“, се наведува во соопштението на БДС.

Според партијата, со постоечкиот изборен модел, политичките партии кои ги застапуваат интересите на припадниците на останатите народи, доколку не се дел на некоја коалиција предводена од некоја поголема партија, практично не можат да имаат свои пратеници во Собранието.

„Предложениот изборен модел, со една изборна единица со пропорционален модел без цензус, им овозможува на граѓаните кои се припадници на останатите народи наведени во преамбулата на Уставот, да можат непосреднно да ги избираат своите пратеници во Собранието кои ќе се залагаат за нивните национални права.

Оттука, ја поддржуваме иницијативата на парламентарните партии ДС, ДОМ, ЛДП, ВМРО Народна и Демократската партија на Турците за промена на изборниот модел, односно пратениците во Собранието да се избираат во една изборна единица со пропорционален модел и без цензус“, стои во партиското соопштение.

Текстот Бошњачкиот демократски сојуз ја поддржува иницијатвата за промена на изборниот модел е превземен од МАКФАКС.