Британски научници: Доколку не се воведат мерки, не чека голем бран на заразени со омикрон

Доколку не се преземат дополнителни рестриктивни мерки, Велика Британија ќе се соочи со голем бран на заразени со омикрон во јануари, изјавија британските научници врз основа на студии и предвидувања.

Ник Дејвис од Лондонската школа за хигиена и тропска медицина и еден од врвните британски истражувачи, рече дека омикрон се шири многу брзо, и е прилично загрижувачка варијанта и веројатно е доминантна форма на вирусот во Англија.

Во извештајот на влијателна група научници кои го предвидуваат текот на настаните врз основа на математички модели, вклучително и оние кои ја советуваат британската влада, се вели дека во Англија бројот на заразени моментално се удвојува на секои 2 дена.

Британските експерти најавија и дека бројот на смртни случаи од последиците од оваа варијанта на коронавирус би можел да биде помеѓу 25.000 и 75.000 до крајот на април, во зависност од тоа колку ќе биде ефективна вакцината.

Но, експертите зад студијата велат дека сè е сè уште прилично неизвесно кога станува збор за предвидување за текот на настаните.

Тие велат дека, во најлош случај, можеби ќе биде неопходно да се воведат построги ограничувања за да се спречи пренатрупаност во болниците.

„Врз основа на она што се случува сега, можеме да очекуваме дека ќе има голем бран на ширење на омикрон во Велика Британија“, рече Дејвис.

Во исто време, тој и неговите колеги веруваат дека големиот интерес на населението за бустер дозата на вакцината веројатно ќе го ублажи влијанието на ширењето на омикронот.

Најголемата неизвесност е до кој степен вакцинацијата и бустер дозите на вакцината ќе можат да спречат хоспитализација на населението.

Според раните студии спроведени од Агенцијата за здравствена безбедност на Обединетото Кралство, две дози од вакцината обезбедуваат само ограничена заштита од развој на симптоми по инфекција со омикрон, но засилената доза ја зголемува заштитата на 75 проценти.

Сепак, во извештајот се заклучува дека според повеќето сценарија, покрај досегашните мерки, во болниците ќе има повеќе хоспитализирани отколку во текот на минатата зима.

Текстот Британски научници: Доколку не се воведат мерки, не чека голем бран на заразени со омикрон е превземен од МАКФАКС.