Бројот на жртви во пожарот во болницата во Тетово се искачи на 14

Бројот на жртви во пожарот во модуларната болница во Тетово за лекување на ковид – пациенти се искачи на 14. Од Јавното обвинителство наведуваат дека се испитува дали има и други починати лица.

„Обвинителите издадоа наредби за обдукција и идентификување на телата на 14 лица починати во пожарот, а се испитува и дали има и други починати лица. За некои од починатите ќе биде потребна ДНК анализа за да се утврди нивниот идентитет. Според првичните сознанија, меѓу починатите нема медицински персонал“, велат од обвинителството.

До раните утрински часови обвинителите ги сослушувале вработените во модуларната болница со цел да се утврдат причините за пожарот.

Во исто време, издадена е наредба за обезбедување на снимките од видео надзорот во и околу објектот. Увидот ќе продолжи и во текот на денешниот ден, а јавните обвинители заедно со експертите на МВР, ќе ги обезбедат доказите за целосно расчистување на трагичниот настан.​

Текстот Бројот на жртви во пожарот во болницата во Тетово се искачи на 14 е превземен од МАКФАКС.