Бугарски претседателски кандидат претепал ЛГБТ член, му се заканува затвор

Екстремно десничарскиот националистички кандидат за претседателските избори во Бугарија, Бојан Расате, е уапсен и обвинет за хулиганство и повредување на член на ЛГБТ заедницата за време на викендот во центарот на Софија, соопштија обвинителите.

Расате, како што пишуваат медиумите во регионот, е политичар познат по своите силни ставови против членовите на ЛГБТ заедницата, и бил приведен 72 часа откако му бил укинат имунитетот. Тој се изјаснил за невин и одбил да даде изјава, соопштија обвинителите.

Група од десетина луѓе предводена од Расате упаднала во клуб во саботата доцна навечер, притоа предизвикувајќи тепачка и удирајќи едно лице, превртувајќи ги масите и столиците, пишуваат медиумите.

Водечките бугарски политички партии го осудија нападот, како и 11 западни амбасади во Софија, кои ги нарекоа нападите луди и го посетија клубот во знак на солидарност во понеделникот. На Расате, претходно осуден за нарушување на јавниот ред и мир за време на првата „Парада на гордоста“ во 2008 година во Софија, му се заканува затворска казна до пет години.

Текстот Бугарски претседателски кандидат претепал ЛГБТ член, му се заканува затвор е превземен од МАКФАКС.