Црвениот крст потврди дека не се соочува со никакви ограничувања од талибанците

Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК) е во контакт со талибанците и не се соочува со никакви ограничувања во својата работа по преземањето на Кабул од страна на милитантната група, пренесува ТАСС.

„Повеќе од 1.800 работници на МКЦК остануваат во Авганистан. Долго време работевме со талибанците и имавме контакти со локалните команданти и највисокото раководство, па ја продолжуваме оваа работа.

Постои разбирање за пристап до местата каде што е потребна нашата помош. Немаме никакви ограничувања за нашата работа. Единствениот проблем е можеби безбедноста, па поради судирите не можеме да добиеме пристап до одредено место“, изјави Ихтијар Асланов, кој ја предводи регионалната делегација на МКЦК.

Тој посочи дека продолжуваат да им помагаат на сите луѓе во земјата кои имаат потреба.

„Сега имаме пристап низ целата земја. И нашата хуманитарна активност се прошири. Многу Авганистанци ги загубија своите домови и бараат безбедно место во земјата, на многумина им е потребна медицинска помош. Нашите колеги продолжуваат да работат во тој контекст, обезбедувајќи лекови и медицинска опрема за локалните болници во оддалечените места“, нагласи Асланов.

Шефот на делегацијата на МКЦК додаде дека сега развојот на настаните во Авганистан се одвива брзо, и истакна дека кога се работи под овие услови, секогаш треба да се има на ум дека постојат опасни случаи.

„Нашите колеги работат со сите страни за да ја гарантираат безбедноста на нашите вработени“, објасни тој.

Текстот Црвениот крст потврди дека не се соочува со никакви ограничувања од талибанците е превземен од МАКФАКС.