Денови на жалост ќе има и во Македонија и во Бугарија

Во подготовка е решение за прогласување денови на жалост на територијата на Македонија, но и во Бугарија, најави премиерот Зоран Заев на заедничката прес-конференција со бугарскиот премиер Стефан Јанев по трагедијата со автобусот на „Беса транс“.

„На денешната владина седница ќе бидат донесени соодветни одлуки, како што е прогласувањето денови на жалост. И Бугарија истото тоа го прави со сите неопходни чекори“, рече Заев.

Премиерот истакна и дека ги посетил седумтемина преживеани хоспитализирани во Софија, кои се надвор од животна опасност. Оцени дека соработката со Бугарија е на високо ниво, а за несреќата веднаш бил лично информиран од страна на бугарските власти.

„Сите служби се во постојана координација, довербата во институциите е голема и така најдобро ќе им дадеме информации на граѓаните за причините. Болката е голема кај двете земји, но кај семејствата што ги загубија своите членови болката е ненадомсетлива. Нашите сограѓани се надвор од животна опасност. Некои се со полесни, други со потешки повреди. Нашите сограѓани, кои ќе бидат подготвени да се вратат дома, ќе бидат транспортирани“, најави Заев.

Заев не зборуваше за причините што довеле до несреќата коментирајќи дека ќе се чекаат деталите од истрагата, кои ќе ги кажат експерите.

Текстот Денови на жалост ќе има и во Македонија и во Бугарија е превземен од МАКФАКС.