Димитар Ковачевски е нов претседател на СДСМ со освоени 37.649 гласови од членството

Димитар Ковачевски е нов претседател на СДСМ, објави на вечерашната прес-конференција Централната изборна комисија на партијата.

Претседателката на комисијата, Викторија Мадиќ, соопшти дека се обработени сто отсто од пристигнатите податоци од општинските изборни комисии. Според податоците, своето право на глас денеска го оствариле 44.406 членови на партијата или 86,5 отсто од регистрираните.

Димитар Ковачевски кој на гласачкото ливче беше под реден број еден освоил најмногу, 37.649 гласови.

За Јован Деспотовски гласале 3.319 членови на СДСМ, а за Фроснина Ременски 2.836. Неважечки биле 602 ливчиња.

Зад Ковачевски застана досегашниот партиски лидер и премиер Зоран Заев, како и најголем дел од партиското раководство.

Вонредните внатрепартиски избори во СДСМ уследија по оставката на Заев која беше констатирана на седницата на Централниот одбор на партијата одржана на 26 ноември.

Тој повлекувањето го најави ноќта на 31 октомври, како чин на политичка одговорност по поразот на локалните избори.

Текстот Димитар Ковачевски е нов претседател на СДСМ со освоени 37.649 гласови од членството е превземен од МАКФАКС.