Димитров од Белград: И покрај политичката криза во земјата целосно сме посветени на „Отворен Балкан“

Во име на Владата на Северна Македонија, заменик-претседателот задолжен за европски прашања, Никола Димитров, денеска пристигна во Белград на работниот состанок во рамките на иницијативата „Отворен Балкан”.

При самото пристигнување Димитров посочи дека регионалната соработка има исклучителна важност за остварување на заедничките стратешки определби на кои Владата е посветена, без оглед на политичката ситуација, а потврда за тоа е и неговото учество на овој состанок.

„Јас, пред сѐ, доаѓам со порака дека регионалната соработка е апсолутно европска приказна, дека сакаме да продолжиме да ја продлабочуваме. Додаваме еден важен сегмент утре – како дигитализацијата може да ни помогне за да ја забрзаме и продлабочиме регионалната соработка. Доаѓам во момент кога, како што знаете, во нашата Македонија, во Северна Македонија, завршија локалните избори, има извесни политички предизвици, а и политичка криза на некој начин. Важно е да дадеме сигнал дека како Влада, како држава, сме целосно посветени на оваа иницијатива што се роди на Балканот и чија цел првенствено е европски Балкан“, изјави Димитров.

Од неговиот кабинет информираат дека се предвидени лидерски средби со претседателот на Србија – Александар Вучиќ, и премиерот на Албанија – Еди Рама, како и со претставници на компаниите од трите земји што учествуваат во оваа платформа за унапредување на регионалната соработка во контекст на европската интеграција.

Текстот Димитров од Белград: И покрај политичката криза во земјата целосно сме посветени на „Отворен Балкан“ е превземен од МАКФАКС.