Џафери: Мора да реагираме на предизвиците и да го дадеме соодветниот одговор

Претседателот на македонскиот парламент Талат Џафери обраќајќи се на петтата светска конференција на претседатели на парламенти истакна дека живееме во вонредни услови и секојдневни предизвици кои се разликуваат по својата природа, тежина, неочекуваност и способност за ширење, прелевање и влијание врз начинот на живот и функционирање на помали или поголеми групи на граѓани на светот, или пак имаат огромна разорна моќ врз целиот свет.

„Тоа што не знаеме што не очекува во секој иден час, не значи дека не треба да бидеме подготвени да реагираме и да го дадеме соодветниот одговор. Иако, опасностите, предизвиците, колку и да се насетуваат, не можат до детали да се знаат, сепак е потребно да се има претходно подготвена законска основа која ќе го даде сиот потребен легитимитет на Парламентите и на парламентарците како легитимни претставници на народот за носење на тешките но неопходни одлуки“, истакна Џафери.

Додаде дека пандемијата со вирусот Ковид-19 не ја заобиколи ниту Република Северна Македонија, и дека и ние се соочивме со истите комплексни предизвици како и сите. Дополнително, рече тој, во 2020 година, имавме предвремени парламентарни избори кои беа неопходни за нормалното функционирање на законодавниот дом, па во тој период, согласно Уставот, ингеренциите беа во рацете на Претседателот на државата за прогласување на вонредна состојба, или пак Владата, со усвојување на мерки за кризна состојба, со една единствена цел, да нема криза во функционирањето на државниот апарат со цел водење сметка за здравјето на нашите граѓани.

„Сепак, едно мора да ни биде јасно, а тоа е дека, тие мерки не се, и не смеат да бидат ниту долгорочни, ниту постојани затоа што тоа би можело да резултира со ограничување на парламентарниот надзор, кој е пак суштински за еден здрав демократски систем. Нам ни е разбирливо ограничувањето на правото за собирање, со оглед на протоколите за социјално дистанцирање но, во исто време, мораме да бидеме внимателни да не дојде до злоупотреба на вонредните овластувања од страна на владите. Надзорната улога на парламентите мора секогаш да се има на ум за да се запази транспарентноста, инклузивноста а во исто време почитувањето на демократските принципи со сите права, слободи и обврски кои се есенцијален дел на тие принципи“, рече Џафери.

Според него на пандемиската криза можеме да гледаме и како на можност за воочување на слабостите кои постоеле меѓутоа не доаѓале до израз, и во иднина како што подвлече, да водиме сметка токму тие слаби алки да ги зајакнеме и продолжиме напред со особен фокус на почитувањето на човековите права и слободи. Така ќе бидеме и посилни и поподготвени за идните предизвици, додаде претседателот на македонскиот парламент.

Текстот Џафери: Мора да реагираме на предизвиците и да го дадеме соодветниот одговор е превземен од МАКФАКС.