Експлозија крај аеродром во Јемен, загинаа најмалку 12 цивили

Најмалку дванаесет цивили загинаа денеска во експлозија во близина на аеродромот во Аден, вториот по големина јеменски град, каде што е седиштето на владата, изјави претставник на безбедносните сили за АФП.

„Дванаесет цивили загинаа во експлозија во близина на аеродромот во Аден“, рекол изворот, не наведувајќи за каква експлозија станува збор. Тој додал и дека засега не се знае точниот број на луѓе повредени во експлозијата.

На местото на настанот, пожарникари го гаснале пожарот предизвикан од експлозијата, а спасувачите извлекле тело од уништен автомобил, јави репортер на АФП.

Во Јемен од 2014 година трае војна во која се вклучени провладините сили и Хутите, бунтовници кои контролираат голем дел од северот на земјата, вклучувајќи го и главниот град Сана.

Хутите имаат политичка поддршка од Иран, а владата од 2015 година е воено помагана од коалицијата, предводена од Саудиска Арабија, која граничи со Јемен и е противник на Техеран.

Податоците од меѓународните организации покажуваат дека во таа војна загинале десетици илјади луѓе, а милиони се раселени.

Жестоки борби се водат во околината на Мариб, последното упориште на провладините сили во северен Јемен, кое е под опсада на бунтовниците.

Оваа недела, еден од водачите на Хутите, Мохамед Насер ал-Атифи, рече дека бунтовниците речиси го опколиле градот и дека неговото освојување е само прашање на време.

Текстот Експлозија крај аеродром во Јемен, загинаа најмалку 12 цивили е превземен од МАКФАКС.