Ердоган: Турција е подготвена да организира преговори меѓу Украина и Русија

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган предложи во Турција да се одржат разговори меѓу Украина и Русија, во обид да се смират тензиите меѓу двете земји.

„Ќе ни биде мило да организираме преговори на ниво на лидери или на техничко ниво“, рече Ердоган на прес-конференција со украинскиот колега Володимир Зеленски.

Анкара го поддржува територијалниот интегритет на својот стратешки партнер Украина, што го вклучува и полуостровот Крим, кој моментно е под руска власт, додаде тој.

Зеленски му се заблагодари на Ердоган за неговите напори и рече дека посетата на Ердоган покажува дека Турција е пријател на Украина.

Турскиот претседател е последниот во низата државни лидери што го посетиja Киев. Британскиот, холандскиот и полскиот премиер веќе беа таму во услови на зголемени дипломатски активности насочени кон избегнување вооружен судир во источна Европа.

Ердоган ги повика спротивставените страни да покажат воздржаност и на мирно решение за кризата, делумно предизвикана од собирањето на руска војска на границата со Украина. Москва негира дека има намера да изврши инвазија.

Сепак, западните земји се скептични и тврдат дека Русија со години незаконски го окупира Крим и поттикнува конфликти во источна Украина меѓу владата и проруските сепаратисти.

Уште пред неговата посета, Ердоган веќе понуди да биде домаќин на лидерите на Русија и Украина за мировни преговори. Киев ја прифати поканата, но засега нема став од Москва.

Текстот Ердоган: Турција е подготвена да организира преговори меѓу Украина и Русија е превземен од МАКФАКС.