ЕСМ: Во моментов работат два блока на РЕК, за третиот се чека мислење на стручни лица

АД ЕСМ, Подружница РЕК Битола ја информира јавноста дека во моментов работи со два блока – Блок 1 и Блок 2. Од компанијата потсетуваат дека трансформаторот на Блок 3, беше оштетен во пожар кој се случи вечерта на 5 ноември минатата година и дека од тогаш во континуитет се преземаат активности за негова санација.

„ Дали и кога постројката ќе биде во можност да произведува електрична енергија зависи од мислењето на стручни лица од РЕК Битола, од Електротехничките факултети во Битола и Скопје, експерти од Белград и стручни лица од енергетските компании во земјава. Дотогаш, контроли и обиди за ставање на трансформаторот во функција ќе се случуваат во континуитет.

Намерите на лица кои не се добро информирани и на никаков начин не се инволвирани во напорите за санација на трансформаторот на Блок 3 во РЕК Битола, да ги коментираат состојбите во комбинатот, цениме дека се несериозни и злонамерни“ велат од компанијата.

Оттаму додаваат дека со техниката, особено во енергетиката, нема играње, заради што, како што нагласуваат, убедени се дека паушалните изјави и импровизации со сомнителни цели, конечно ќе запрат.

Текстот ЕСМ: Во моментов работат два блока на РЕК, за третиот се чека мислење на стручни лица е превземен од МАКФАКС.