Фергусон 20 години не му зборувал на Мекалистер, до смртта на неговата сопруга

Поранешниот фудбалер на Лидс и на Ливерпул, а сега помошник-тренер во Астон вила, Гери Мекалистер открива дека неговиот шкотски сонародник, Сер Алекс Фергусон 20 години не му ја заборавил навредата и не му проговорил ниту збор.

Во финишот на сезоната 1991/92, тогаш како фудбалер на Лидс јунајтед, Мекалистер заедно со повеќе поранешни ѕвезди на клубот (Ерик Кантона и Ерик Бати), биле во домот на соиграчот Ли Чепмен за да го гледаат клучниот меч на Јунајтед против Ливерпул на „Енфилд“, чекајќи пораз на „ѓаволите“ да ја добијат титулата.

Јунајтед загубија со 2:0 и Лидс стана шампион. По крајот на мечот, Фергусон во интервју зборувал дека Лидс не ја освоиле титулата, туку Јунајтед ја загубиле.

„Лут и со црвен нос, Фергусон вели: ‘Манчестер јунајтед ја загубија титулата, а Лидс не ја освоија’. Јас велам: ‘Големото црвено лице е грациозно во поразот како и секогаш’. Но, бевме вклучени со линк на стадионот и Сер Алекс го слушна тоа. Потоа, тој 20 години се разминуваше со мене насекаде и никогаш не погледна во моја насока“, вели Мекалистер.

Тоа се сменило во 2006, кога Фергусон контактирал со Мекалистер откако неговата сопруга Денис починала.

„Тоа е вистинската мерка на човекот. Кога ќе си му ривал, ти си непријателот, но кога минав низ тоа трагично искуство со ракот на Денис, што мислите кој беше првиот кој ми се јави? Алекс Фергусон! Прв со телефонски повик. Ме покани во тренинг-центарот во Керингтон и на било кој меч на Јунајтед. Прво писмо кое го добив беше од неговата сопруга. Кога ќе играш против него, ќе направи се да те уништи. Но, има и поинаква страна. 20 години не постоев за него“, открива Мекалистер.

Текстот Фергусон 20 години не му зборувал на Мекалистер, до смртта на неговата сопруга е превземен од МАКФАКС.