Филипче ги посети преживеаните во несреќата: Тие се во добра здравствена состојба

Министерот за здравство Венко Филипче кој замина за Бугарија по автобуската несреќа кај Перник каде загинаа 45 луѓе ги посетил седуммината преживеани во болницата Пиргов. Тој рече дека тие се во добра здравствена состојба, дел од нив имаат исекотини, бидејќи ги кршеле прозорците и скокале од задниот дел на автобусот, а еден од преживеаните имал скршеници.

Филипче рече дека меѓу загинатите има и членови на едно семејство.

Премиерот Зоран Заев, пак, изрази жалење за стравотната несреќа. Тој рече дека патниците во автобусот биле од различни градови од Македонија.

„Од повеќе места се и од различни националности. Има еден граѓанин од Прешево кој бил со вереницата од Куманово и едно лице со белгиско државјанство“, рече Заев.

И македонската амбасада во Софија испрати свој претставник во болницата Пирогов.

Поради тешката сообраќајна несреќа на 31-от километар од автопатот Струма во правец од Софија кон Благоевград, автопатот ќе остане затворен во текот на целиот ден, во правец на Благоевград.

Во Бугарија досега не се памети поголема автобуска несреќа. Бугарските медиуми пренесуваат дека во 1996 година имало автобуска несреќа, загинале 16 луѓе, кога не бил изграден автопатот.

Текстот Филипче ги посети преживеаните во несреќата: Тие се во добра здравствена состојба е превземен од МАКФАКС.