Француски функционер: Договор за ембарго на руската нафта е можен во текот на неделата

Договорот за предложеното ембарго на Европската унија за руската нафта, што е блокирано од Унгарија, може да се постигне „во рок од една недела“, изјави денеска францускиот државен секретар за европски прашања Клемент Бон.

„Мислам дека можеме да постигнеме договор во текот на неделата, работиме напорно на тоа. Дефинитивно е прашање на денови“, изјави Бон за ЛЦИ.

Тој изрази уверување дека „ќе има шести пакет европски санкции“ против Русија.

Бон остварил телефонски разговори со европските лидери, вклучително и францускиот претседател Емануел Макрон, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен и унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Фон дер Лаен синоќа оцени дека е постигнат напредок во разговорите со Унгарија во врска со предложената забрана на Европската унија за увоз на руска нафта, но дека треба повеќе да се работи.

Будимпешта го блокираше планот на ЕУ за воведување ембарго на увозот на руска нафта.

ЕУ се соочува со одредено противење од неколку земји-членки кои во голема мера се потпираат на руската енергија, вклучително и Унгарија, поради шестиот пакет санкции кон Русија.

Текстот Француски функционер: Договор за ембарго на руската нафта е можен во текот на неделата е превземен од МАКФАКС.