ГДУ со поддршка за идејата на КЦ „Иван Михајлов“: Бугарите јасно да ја изразат својата етничка припадност на пописот што е во тек

/

Партијата Граѓанско Демократска Унија (ГДУ) со поддршка за невладините организации КЦ „Иван Михајлов“ и Здружението за Македонско-Бугарско пријателство (МБП-Скопје) кои ги повикаа државјаните на РС Македонија, кои имаат бугарско етничко потекло, без страв да се попишат како Бугари на пописот што е во тек.

Од ГДУ велат дека на пописот ќе излезе бројка, што ќe биде повеќе од доволна, Бугарите во РС Македонија да станат дел од Уставот на земјата, за истите да добијат реален достап до институциите на системот, интеграција и професионална реализација во земјата.

„Се поизвесно е дека на пописот ќе излезе бројка која ќе е повеќе од доволна за бугарскиот народ да влезе во Уставот на Македонија. После рамковниот Договор сите народи кои се дел од Уставот на Република Северна Македонија имаат реален достап до институции на системот, согласно принципот на правична застапеност и можност за интеграција и професионална реализација во нашата земја“, велат од ГДУ.

„Време е да се спротивставиме на дискриминацијата, говорот на омраза и газењето на основните човекови права! Време е нашата татковина да стане модерна и европска земја, во која сите граѓани се еднакви пред Уставот и законите и имаат еднакви можности. Веќе не си сам, времињата се менуваат и промените зависат од нас.

Затоа Граѓанско Демократската Унија (ГДУ) ја препознава и безрезервно ја поддржува идејата на КЦ „Иван Михајлов“, поддржана од Здружението за Македонско-Бугарско пријателство (МБП-Скопје), граѓаните кои се Бугари да ја изразат јасно својата национална припадност на пописот кој е во тек. Победи го стравот, попиши се како Бугарин!“, стои во соопштението на Граѓанско Демократската Унија.