Герасимовски ја презеде функцијата: Чесно и одговорно ќе раководам со општината

Горан Герасимовски ја презеде функцијата градоначалник на општина Центар. Досегашниот градоначалник Саша Богдановиќ му ја предаде канцеларијата со детални информации за проектите во тек. Тој го запозна Герасимовски за функционирањето на општината, работата на администрацијата и другите тековни и секојдневни работи во општинската зграда.

Герасимовски изрази благодарност за досегашното успешно водење на општината напоменувајќи дека ќе продолжи да ги реализира добрите проекти кои носат бенефит за граѓаните. Тие заедно и подетално ги разгледаа проектите кои се во тек на реализација и разговараа за приоритетните и капитални инвестиции кои следат.

„Благодарам за топлиот прием кој го добив од досегашниот градоначалник Саша Богдановиќ. Чест и задоволство ми е што граѓаните ми дадоа можност да управувам со општината и да ги реализирам проектите од програмата која ја направив според нивните потреби. Ветувам дека нашата општина ќе биде зелена, чиста и со резидентни паркинг места за станарите и дека нема да отстапам од злоупотреба на државното земјиште за нова бетонизација на општината“, изјави Герасимовски.

Герасимовски детално се интересираше и за проектите што во моментов се работат и кои веднаш ги презема. Тој даде акцент дека општина Центар во изминатите четири години спровела успешни политики и преку ревидирање на ДУП-те заштитила 14.000 метри квадратни зеленило и пренаменила земјиште во памптрак и градинка. Исто така во општината беше спречена и изградбата на Шпанските скали и Панорамското тркало.

„Јас ќе продолжам со ревидирањето на сите преостанати ДУП-ви со цел да добиеме нови површини за јавно добро. Неколкупати и досега напоменав дека општината ќе биде отворена за граѓаните за побрза интервенција, спроведување на законите и реализирање на нивните потреби и барања. Мојата цел е чесно и транспарентно раководење на општината затоа што само така ќе изградиме доверба со граѓаните и добри проекти за развој на општината“, изјави Герасимовски.

Герасимовски се заблагодари и за реализирањето на бројните инвестиции во основните училишта и градинките. Општина Центар во изминатиот период го отвори најмодерното и инклузивно училиште во државата „Киро Глигоров“ и покажа како треба да изгледа образовниот процес во земјава.

Текстот Герасимовски ја презеде функцијата: Чесно и одговорно ќе раководам со општината е превземен од МАКФАКС.