Германија очекува илјадници мигранти да дојдат преку Белорусија

Германската сојузна покраина Бранденбург, која се граничи со Полска во својот источен дел, очекува дополнителни неколку илјади мигранти илегално да влезат во Германија преку Белорусија и Полска во наредните месеци, е соопштено денеска во Потсдам.

„Мораме да сметаме на фактот дека мигрантите, кои се веќе во Полска, Литванија и во Летонија, ќе се обидат да стигнат до Германија“, рече министерот за внатрешни работи на Бранденбург, Михаел Штубген, говорејќи пред комисијата за внатрешни работи во локалниот парламент во Потсдам.

Штубген истакна дека многу мигранти од Ирак, Сирија и од Иран сѐ уште доаѓаат во Белорусија, но истакна дека не е познат точниот број на мигранти на пат кон Германија.

Тој рече дека бројот на мигранти што се обидуваат да ја преминат полско-германската граница сѐ уште е многу далеку од ситуацијата со која се соочи Германија за време на мигрантската криза во 2015/2016 година. Штубген ги отфрли барањата на некои сојузни покраини, како Саксонија, која граничи и со Полска, која бара воведување привремена контрола на оваа шенген-граница.

Претседателот на полицискиот синдикат, Андреас Роскопф, смета дека бројот на илегални гранични премини, кој во последните денови изнесува меѓу 120 и 280 дневно, сѐ уште не го оправдува затворањето на границите.

Хеико Тегац од германскиот полициски синдикат, сепак, е на мислење дека треба да се воведат гранични контроли пред ситуацијата да излезе од контрола.

Германскиот министер за внатрешни работи, Хорст Зехофер, го отфрли воведувањето гранични контроли и повика на зголемена соработка и помош на полските граничари во чувањето на полско-германската граница.

Текстот Германија очекува илјадници мигранти да дојдат преку Белорусија е превземен од МАКФАКС.