Германскиот министер за надворешни работи -новата талибанска влада не дава причина за оптимизам

Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас денеска изрази загриженост за составот на привремената влада формирана од Талибанците во Авганистан, но нагласи дека Берлин е подготвен да продолжи со разговорите со нив, со цел да спречи хуманитарна криза.

Мас денеска се среќава со американскиот државен секретар Ентони Блинкен во американската база Рамштајн во Германија, а пред состаноците ја истакна потребата од тесна координација и најави дека ќе разговараат како да се справат со Талибанците и како да се евакуираат повеќе луѓе од Авганистан, пренесуваат агенциите.

„Објавувањето на преодната влада без учество на други групи и вчерашното насилство врз демонстрантите и новинарите во Кабул не се сигнали што даваат причина за оптимизам“ – рече Мас.

Тој, исто така, рече дека Германија е подготвена да ги продолжи разговорите со Талибанците со цел да се осигура дека повеќе луѓе ќе можат да ја напуштат таа земја.

Нагласи дека Авганистан се соочува со тројна криза и дека, додека недостигот на храна влијае на многу делови од земјата поради конфликтот, испораката на меѓународна помош е прекината.

И ако новата влада не е во состојба да ги води државните работи, постои опасност од економски колапс по политичкиот живот, со уште подрастични хуманитарни последици, предупреди Мас.

Списокот на министри во преодната влада на Авганистан објавен во вторникот е полн со талибански лидери, исламистички милитанти и ветерани од герилската војна, а светските сили им порачаа дека мора да обезбедат инклузивна влада во согласност со нивните ветувања за мирен пристап и почитување на човековите права.

Текстот Германскиот министер за надворешни работи -новата талибанска влада не дава причина за оптимизам е превземен од МАКФАКС.