Град Скопје: Проблемите на граѓаните нема да ги реши СДСМ со прес-конференции

Четири години немаше позитивни проекти за Скопје од страна на поранешниот градоначалник. Последните месеци од неговиот мандат се почнаа проекти без план и без конечна реализација. Не се почнува проект што не може да се заврши од почеток до крај и да не се предвидат сите фази, што не е случај со проектите што ги остави претходниот градоначалник, велат од Град Скопје како реакција на обвинувањата на СДСМ.

„Истиот тој градоначалник не ја предвиде енергетската криза во август и наместо да се занимава со сериозни проблеми, приоритет му беше да потпише договор за угостителски услуги. Да беше добар градоначалник, граѓаните сигурно ќе му дадеа повторно доверба.

За два месеца се направија работи што останале незавршени со години, за два месеца направен е план за комплетна реконструкција на 10 улици во Скопје што не се реконструирани со години. За овие два месеца се исчистија над 120 депонии во Скопје, се отвори комуникацијата со граѓаните преку канцеларијата за отворен град, се спроведоа низа мерки за средување на состојбите во јавните претпријатија. Но затоа, пак, овие два месеца не се доволни да се соберат сите коруптивни зделки на старото раководство за што веќе почна официјална ревизија на работата“, се вели во реакцијата од Градот.

Проблемите на граѓаните нема да ги реши СДСМ со прес-конференции на тема Град Скопје, што ги има двапати на ден. Резултатите на терен покажуваат и ќе покажат дека сѐ што се зборува е чиста манипулација и лага, додаваат од Град Скопје.

Текстот Град Скопје: Проблемите на граѓаните нема да ги реши СДСМ со прес-конференции е превземен од МАКФАКС.