Групна изложба „Колонија 8“ на уметничкото здружение „Училница осум 8“

В петок, 25 фебруари, во 19.30 часот, КСП „Центар“ – ќе биде отворена групната изложба „Колонија 8“, на уметничкото здружение „Училница осум 8“.

На изложбата своите дела ќе ги претстават: Симеон Арнаудов, Предраг Јаневски-Драшко, Соња Поповска-Трајковска, Евгенија Трајковска, Трајче Блажевски, Фехим Хусковиќ, Нела Јанковска, Гордана Николоска-Петрова, Ладислав Цветковски, Владимир Величковски, Озбег Ајваз и Вера Симовска.
Здружението на авторите „Училница осум 8“ е формирано 2021 година.

Здружението брои десет члена со профилирана творечка индивидуалност, кои на изложбата ќе се претстават со по две дела, скулптури, слики и графики. Станува збор за ликовни педагози кој се активни и на планот на ликовното творештво.

Во својот осврт кон делата вклучени во изложбата, критичарот и уметник проф. Владимир Величковски истакнува:

Предраг Јаневски негува скулптура со тотемистички белези во која се испреплетуваат елементи од метал и дрво.

Симеон Арнаудов е познат со скулптурите во мермер, во кој пластичниот момент е споен со линеарниот благ ритам. Во оваа пригода тој се претставува со фигура на ракометарка (во полиестер) во момент кога се подготвува да ја фрли топката.

Соња Поповска-Трајковска разновидно обработените елементи во теракота ги организира во вертикала со симболични монументализирани белези. Нела Јанковска со линеарните назабени облици на фигурата во метал изразува немир и страв.

Озбек Ефенди металните елементи ги поврзува во ритам, кој се стреми кон ширење во просторот. Гордана Петрова во бронза изработила реалистичен портрет со индивидуални црти.

Фехим Хусковиќ е сликар на модерен пејзажизам еволуирајќи кон слободни колористички состави, во кои ги поврзува темпераментниот гест и урамнотежената организираност на целината.

Трајче Блажевски е цртач и графичар, кој врз правоаголна основа суперпонира неколку површини со суптилно разиграни линеарни предзнаковни структури.

Ладислав Цветковски во дигитален принт реализира линеарно обработена композиција со разновидни значења: мотив на очи со крстообразна форма и двосмислена сугестија на подотворена „усмина“.

Евгенија Трајковска е стрип-цртач, која се претставува со линорез и мотив на „Монструм“, гротескен лик поставен на кружна основа, еден вид „црно сонце“.

Авторот на текстот со своите темпери ја следи основната линија на своето сликарство: спонтано предадена колористичка експресија во која е содржан немир.

Текстот Групна изложба „Колонија 8“ на уметничкото здружение „Училница осум 8“ е превземен од МАКФАКС.