Хелсиншкиот комитет: Обвинителството мора да реагира на заканите со насилство

Игнорирањето на говорот на омраза и неговите последици, отсуството на процесирање на ваквите случаи и речиси непостојната судска пракса на ова поле директно ја овозможува неговата ескалација во чувствителни општествено-политички моменти. Деновиве повторно сведочиме како новонастанатата политичка криза во државата автоматски предизвика силен бран омраза заснована на етничка и политичка припадност, и тоа преку закани со војна, реваншизам, бесење, силување и други најави на насилство кон другите, реагираат од Хелсиншкиот комитет.

Напоменуваат дека Хелсиншкиот комитет како граѓанска организација што во континуитет ги следи говорот и делата од омраза и предупредува на последиците од овие феномени врз општествената кохезија, а особено врз помладите, редовно поднесува пријави до Министерството за внатрешни работи.

„Но, според повратните информации што ги добиваме, Обвинителството е инстанцијата каде што овие случаи заглавуваат без разрешница. Токму затоа сметаме дека ваквите загрижувачките трендови во јавната комуникација не смее да останат без соодветен одговор од институциите, со оглед на минатото искуство и многуте кризи со кои се соочуваше нашето општество во изминатите три децении“, велат од Хелсиншкиот комитет.

Додаваат дека она што треба да се има предвид е дека неказнивоста на овие дела ги минира, како шрто потенцираат, шансите за каква било превенција на злосторства од омраза, кои секогаш се иницирани или поттикнати од говорот полн со насилство, нетрпеливост и заплашување.

Хелсиншкиот комитет за човекови права смета дека екстремните форми на говор на омраза, со кој директно се повикува на извршување дела од омраза, се аларм што, конечно, треба да го активира Јавното обвинителство да постапува во овој сегмент од своите законски надлежности и обврски, стои во писменото соопштение.

Текстот Хелсиншкиот комитет: Обвинителството мора да реагира на заканите со насилство е превземен од МАКФАКС.