Илјадници луѓе на протест против задолжителната вакцинација во Нов Зеланд

Нов Зеланд денеска ги засили безбедносните мерки во својот парламент, додека илјадници луѓе се собраа пред зградата за да протестираат против задолжителната вакцина против Ковид-19 и владините мерки.

Сите, освен два влеза во зградата на парламентот, беа затворени во присуство на невиден број полицајци и безбедносни лица, бидејќи голем број демонстранти се собраа пред зградата откако маршираа низ центарот на Велингтон.

Демонстрациите беа мирни, а многу луѓе со транспаренти извикуваа слогани со порака до владата да ја укине задолжителната вакцинација и ограничувањата.

Премиерката Џасинда Ардерн минатиот месец рече дека наставниците и работниците во здравствениот и социјалниот сектор мора да бидат целосно вакцинирани против Ковид-19 и вети дека ќе ги укине ограничувањата само откако ќе се вакцинираат 90 отсто од подобното население.

Тој праг е повисок отколку во многу други земји и предизвика критики од луѓето кои повикуваат на повеќе слободи, додека задолжителната вакцинација е исто така пречка за оние кои сакаат да се вратат на работа, но избегнуваат да бидат имунизирани.

Нов Зеланд продолжува да бележи еден од најниските регистрирани случаи на Ковид-19 во светот, со помалку од 8.000 пријавени инфекции досега и 32 смртни случаи од оваа болест. Денеска се пријавени 125 нови случаи, а вкупната стапка на целосна вакцинација со две дози достигна речиси 80 проценти кај квалификуваното население.

Текстот Илјадници луѓе на протест против задолжителната вакцинација во Нов Зеланд е превземен од МАКФАКС.