Името Северна Македонија е реалност под која функционира државата, вели Мицкоски

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, смета дека новото уставно име Република Северна Македонија е реалност и дека врз основа на таа реалност моментално функционира и државата.

Тој потенцира дека името не му се допаѓа и дека ќе работи ситуацијата да се промени, откако би дошол на власт.

„Тоа што се случува во советите е бидејќи законот за локална самоуправа не е усогласен со Уставот. Затоа изјавите се такви какви што се. Дали од тоа некој сака да направи дефокус од падот на Владата, е друга тема. Суштината е дека треба да имаме брзи парламентарни избори со оставка на Владата и да ги решаваме проблемите. Ако ме прашувате дали е реалност, па ние функционираме. Таа нова реалност ја донесе Зоран Заев, ние сме се произнеле за таа нова реалност. И новите градоначалници се произнесоа. Дали реалноста ни се допаѓа – не ни се допаѓа. Ако не се почитува таа реалност, има други последици, како Обвинителство и судство. Ќе работиме таа реалност да се промени. Таа реалност е болна и понижувачка за сите нас кои ја чувствуваме Македонија“, кажа Мицкоски.

Прашан како би ја променил реалноста, односно би го вратил старото уставоно име, Мицкоски рече: „Ова e понижување, кога ќе седнеме на маса со нашите пријатели, ќе кажеме дека оваа реалност за граѓаните е понижувачка. И тоа е тоа“.

Текстот Името Северна Македонија е реалност под која функционира државата, вели Мицкоски е превземен од МАКФАКС.