(Интервју) Александар Петличковски: Во државата од пред неколку недели доминира стелт омикронот

„Во моментов во државата доминира стелт омикронот-БА2, дојден е пред неколку недели, а делта-сојот воопшто го нема“, вели претседателот на Комисијата за заразни болести, Александар Петличковски, во интервју за „Макфакс“.

Според него, новиот сој на стелт омикронот е позаразен, но со иста клиничка слика од претходниот и тоа, како што оценува, не остава простор за поголема загриженост и паника меѓу населението.

„Лично не мислам дека во иднина ќе има нова варијанта на ковид која ќе биде загрижувачка“, вели Петличковски додавајќи дека сепак треба да бидеме претпазливи.

Првиот човек на Комисијата за заразни болести не очекува дека кај нас ќе има нов пик на пандемијата, туку според него, „тоа ќе биде една продолжена опашка од пикот кој е во залез“.

Според проценките на Петличковски, граѓаните ги очекува подобар период, особено во текот на летото.

Најави нови одлуки на утрешниот состанок на Комисијата за заразни болести и укинување на протоколи кои се донесени уште на самиот почеток на пандемијата.

„Неколку институции имаат испратено барање за промена на протоколите, меѓу нив ФФМ, Пинг-понг асоцијацијата, сите сакаме да ги прочешламе и да донесеме одлуки“, рече тој.

На прашањето кога конечно ќе можеме да ги тргнеме маските, Петличковски вели: „Јас очекувам секој ден да паднат маските и мислам дека  секој ден сме сè поблиску до паѓање на маските, но го немаме тој луксуз да одиме со фрлање на маските а да не сме сигурни дека тоа нема да предизвика сериозна штета“.

„И додека ние очекуваме релаксирање на состојбата со Ковид-19, дел од земјите во Западна Европа се затвораат. Ќе бидеме внимателни. Јас лично не мислам дека ќе дојде до драматична ситуација“, вели првиот човек на Комисијата за заразни болести.

За тоа дали затаил здравствениот систем во борбата со пандемијата од Ковид-19, причините за високата смртност, за укинувањето на маските во основните училишта и следните чекори на Комисијата, во интервјуто со претседателот на Комисијата за заразни болести, Александар Петличковски.

Текстот (Интервју) Александар Петличковски: Во државата од пред неколку недели доминира стелт омикронот е превземен од МАКФАКС.