Повеќето од медиумите во Русија се под државна контрола, што во голема мера објаснува зошто руската телевизија известува за рускиот напад на Украина како операција за самоодбрана, чија цел е елиминација на украинската армија, пренесува Би-би-си.
Многу станици објавија соопштение од Министерството за одбрана, во кое се истакнува дека против локациите на украинската војска се користи високопрецизно оружје и дека нема закана за цивилите.
„Русија денеска почна специјална воена операција со цел да ги заштити луѓето што се изложени на злоупотреба и геноцид на режимот во Киев во последните осум години“, вака државната телевизија „Русија-1“ го почна известувањето.
Неколку информативни програми прикажуваа интервјуа со млади жители на бунтовничките региони во источна Украина, кои изгледаа радосни.
Државната телевизија „Русија 24“ објави разговор меѓу две лица во Донецк и новинар.
„Ова е супер. Нема други зборови со кои може да се опише“, рекол еден човек.
Друга жена рече дека е многу среќна.
„Навистина сум среќна. Ова го чекаме осум години“, рече таа.
Текстот Како медиумите во Русија известуваат за нападот – среќни сме, ова го чекаме осум години е превземен од МАКФАКС.