Каракачанов загрижен по победата на ВМРО-ДПМНЕ: Заев пропушти да го реши прашањето со Бугарија

Поранешниот вицепремиер и министер за одбрана на Бугарија, Красимир Каракачанов е загрижен за правата на Бугарите во земјава и односите меѓу Бугарија во Македонија, по победата на ВМРО-ДМПНЕ на локалните избори. Тој смета дека владата на Зоран Заев пропушти да го реши прашањето и сега влезот на земјава во ЕУ станува многу покомпликуван.

Тој во пост на својот фејсбук профил оценува дека „правата на етничките Бугари во Македонија одговараат на нивото на Титова Југославија“.

-Се разбира, не можеме, а да не бидеме загрижени за победата на ВМРО-ДПМНЕ на изборите. Тоа се оние кои зборуваа за потребата од раскинување на договорот, за обновувањето на натписите на спомениците кои ја карактеризираат нашата земја како фашистички окупатор и кои повикаа на општа дипломатска офанзива на ЕУ против Бугарија, смета Каракачанов.

Тој оценува дека владата на Зоран Заев пропушти да го реши прашањето и сега влезот на земјава во ЕУ станува многу покомпликуван.

Можеше да биде многу поедноставно доколку Заев и неговата влада се трудеа да ги исполнат условите предвидени во Договорот за добрососедство, пишува Каракачанов.

Реалноста, додава тој, е дека преговорите никогаш не започнале, бидејќи односите меѓу двете земји се замрзнати.

Тој во постот ги коментира резултатите од локалните избори во земјава, по кои премиерот Зоран Заев поднесе оставка.

„Резултатите од локалните избори во Македонија покажаа дека и нашите браќа таму гласаат тврдоглаво, без јасна перспектива, како во Бугарија. Ова не е чудно со оглед на неспорниот факт дека сме еден народ. Сепак, таквото гласање е едноставно протест, а не решение на проблемите. Напротив, дури и ги продлабочува“, пишува тој.

Извор: Зум.мк.