Ќе се обидеме да направиме мнозинство, но ако не успееме најдобро би било да има избори, рече Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ

/

Ќе се обидеме да направиме ново парламентарно мнозинство, но доколку не успееме најдобро би било да има нови избори, бидејќи Владата го изгуби легитимитетот, изјави координарот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, образложувајќи дека по поднесувањето на оставката на Заев, претседателот на државата во рок од десет дена треба мандатот за состав на Владата да го довери на партиите што имаат мнозинство во Собранието.

Тој, сепак, рече дека чекорите што ќе ги преземе ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат познати откако премиерот Зоран Заев ќе ја достави оставката во Собранието.

„Оставката на Заев сè уште е ‘фејсбук-оставка’, и врз основа на тоа не можевме да зборуваме повеќе. Во ВМРО-ДПМНЕ се потребни анализи и разговори со сите политички чинители“, рече Мицевски.

Мицевски додаде и дека состојбата во државата е сериозна и сега не е време за славење.

„Се наоѓаме пред предизвици како што се енергетската криза, економијата, ковид-пандемијата. Во суштина, сега ќе излезат сите негативни работи што ги зборувавме во изминатиот период“, додаде Мицевски.

Текстот Ќе се обидеме да направиме мнозинство, но ако не успееме најдобро би било да има избори, рече Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ е превземен од МАКФАКС.