Колозова: Елитите на СДСМ не му го простија на Заев приближувањето кон Бугарија

/

Уривањето на Заев започна внатре во неговата партија по неговото интервју за БГНЕС во ноември 2020 г. СДСМ е традиционално бугарофобна партија, повеќе и од ВМРО-ДПМНЕ. По „ереста“ изречена таа вечер- „Бугарија не е фашистичка , туку братска земја“- Левијатанот на СДСМ се разбуди, па дури и Бранко Црвенковски се крена од мртвите. Ова го изјави за бугарската информативна агенција БГНЕС проф. д-р Катерина Колозова по повод поразот на СДСМ и Зоран Заев на локалните избори и неговата одлука да поднесе оставка од премиерската позиција.

„Мој впечаток е дека се случија два паралелни процеса. Едниот е директно врзан со лошото работење на СДСМ на ниво на локална самопуправа, а партијата не процени до кој степен на граѓаните им е важна квалитетна локална администрација“, вели Колозова.

„Според научно истражување на кое работеше Институтот за општествени и хуманистички науки од Скопје, од 13 демографски групи на различни категории маргинализирани, што вклучуваше и жени воопшто и сиромашни, млади, и други широки категории од кои едната сочинува 50% од населението, квалитетна локална самоуправа беше рангирана меѓу првите три гласачки приоритети. ВМРО има репутација на ефикасност во работењето, особено на локално ниво – квалитетна инфраструктура, услуги. Тие се “домаќинска партија.” Нема мистерија зад победата, причините се очигледни“, рече Колозова за БГНЕС.

„Од друга страна, треба да се толкува зошто беше толкав поразот, и зошто на некој начин пристигна токму од потенцијалните гласачи на СДСМ. После интервјуто на Заев за БГНЕС во ноември 2020, почна уривањето на Заев одвнатре, од својата партија, своите елити – не му го простија потегот на приближување кон Бугарија бидејќи СДСМ е традиционално бугарофобна партија, повеќе и од ВМРО ДПМНЕ. СДСМ под Заев беше уникатен феномен а неговите космополитски поддржувачи во партијата – малубројни. После “ереста” изречена таа вечер – “Бугарија не е фашистичка, туку братска земја” – Левијатанот на СДСМ се разбуди, па дури и Бранко Црвенковски се крена од мртвите. Ова беше политичка ликвидација на Заев од разочараните бранковисти, клиентелисти и пред сѐ бугарофоби од СДСМ, потпомогната од ДПМНЕ. Данела Арсовска е “дете на бранковизмот”, од полициска фамилија чиј татко бил полициски функционер во време на грдата транзиција на Црвенковски. Не зборувам за теории на заговор и “тајни сили во тајни договори”, туку политички профили: Црвенковски, МАНУ, и куп разочарани потомци на некогашната номенклатура, чиј природен производ е Арсовска“, децидна е Колозова.

„Што се однесува до црната кампања врзана за нејзиното бугарско државјанство- тоа беше нечиј (намерен?) гаф и постерот беше повлечен за помалку од 60 минути. Сѐ друго беше невешт PR. Иронијата е дека најголемите бугарофоби се повампирија и решија да ја бранат и по цена на нејзиното “непожелно” двојно државјанство- непринципелен пропагандизам. Една од целите беше токму да се спречи Заев во намерата да нѐ прближи до Бугарија. Тирадите за “корупција” од втората најбогата партија во Европа, ВМРО ДПМНЕ не ни заслужуваат коментар“, изјави Колозова за бугарската информативна агенција БГНЕС.

Извор: Трибуна