Концерт на „Танец“ и Влатко Стефановски на почетокот на годинешните „Есенски музички свечености“

Отворањето на 22. издание на манифестацијата „Есенски музички свечености“ 2021 ќе биде на 5 ноември (петок) со концертот на Националниот ансамбл „Танец“ и Влатко Стефановски, со почеток во 20 часот во Салонот на Националната опера и балет.

Билетите се во продажба на karti.com.mk и пред почетокот на концертот во Националната опера и балет. Концертот ќе се одржи согласно ковид-протоколите за одржување на настани.

Националниот ансамбл „Танец“ повеќе од седум децении ја остварува својата културна мисија на негување и презентирање на македонското фолклорно творештво во земјава и надвор од неа. Генерации и генерации играорци, пејачи, музичари, кореографи, со огромна љубов ги чуваат народните игри и песни, обичаи и носии и преку успешните рафинирани кореографски поставки го презентираат македонскиот бит пред светот. „Танец“ е бренд каде и да настапи на земјината топка. Ја освојува публиката со својата професионалност и совршениот изведувачки израз, со кој автентично се афирмира сета убавина на нашето фолклорно наследство.

Влатко Стефановски е стар пријател на „Танец“, кој во текот на својата речиси петдецениска кариера многупати има настапено со ансамблот, и дома и надвор. Секогаш соработките со „Танец“ ги истакнува како особено значајни и инспиративни за неговата музика, како за македонската музичка култура во целост. Но, иако македонските фолклорни мотиви, како и фрагментите од репертоарот на „Танец“ се неизоставен дел од неговите изведви, Влатко, освен повремените еднократни настапи со „Танец“, никогаш досега не остварил целовечерен концерт со ансамблот.

Конечно дојде и тој момент кога овие два бренда ќе ја делат сцената на голем концерт, за кој аранжманите на антологиските ора „Пелистерско“, „Касапско оро“, „Ситна лиса“, „Поступано“, „Калајџиско“, „Пајдушко“ и незаборавните мелодии на „Елено, ќерко“, „Јано, мори, севдалино“, специјално ги напиша познатиот македонски композитор, аранжер и инструменталист, Дамир Имери.

Оваа врвна фузија, од која излезе уникатно парче музика, заслужува и достојна концертна промоција која ќе се случи токму на овогодишната манифестација „Есенски музички свечености“.

Во продолжение, ова е целосната програма за овогодишното 22. издание на манифестацијата „Есенски музички свечености“.

Текстот Концерт на „Танец“ и Влатко Стефановски на почетокот на годинешните „Есенски музички свечености“ е превземен од МАКФАКС.