Ковачевски – Брнс: Економската соработка да се интензивира со акцент на енергетски проекти

Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, ја прими амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Кејт Мари Брнс.

Брнс му го честита изборот за премиер на Димитар Ковачевски и му посака успех во спроведувањето на програмските цели на новиот владин кабинет, меѓу кои соработката со САД како стратешки партнер на Република Северна Македонија е во врвот на приоритетите на меѓународната политика на земјата.

На средбата меѓу Ковачевски и амбасадорката Брнс стана збор и за определбата да продолжи економската соработка меѓу двете земји со посебен акцент на поттикнувањето проекти и инвестиции што ќе ѝ овозможат трајна и одржлива енергетска независност на Северна Македонија.

На средбата беше истакнато дека за Вашингтон, Северна Македонија и регионот остануваат важен геостратешки интерес и во таа насока од клучна важност за САД е деблокирање на евроинтеграцискиот процес за земјата и одржување на првата меѓувладина конференција со Брисел и отворањето на првите поглавја во процесот за членство во ЕУ.

Премиерот Ковачевски на работната средба со амбасадорката Брнс нагласи дека најавената официјална посета на премиерот на Република Бугарија, Кирил Петков, и на членовите на неговата влада за 18 јануари е добра порака, која најавува сериозен исчекор за отворените прашања меѓу двете земји и за изнаоѓање решенија прифатливи за двете страни.

Амбасадорката Брнс потенцира дека за САД, односите меѓу двете земји како најблиски соседи и сојузници во НАТО е од исклучителна важност и дека од особено значење е брзото решавање на клучните прашања што ќе го овозможат континуитетот на процесот за членство на Северна Македонија во ЕУ.

Текстот Ковачевски – Брнс: Економската соработка да се интензивира со акцент на енергетски проекти е превземен од МАКФАКС.