Кремљ за нападот врз Украина: „Ќе потрае колку што е потребно“

Кремљ соопшти дека воената операција против Украина ќе трае онолку колку што е потребно, во зависност од нејзините резултати и нејзината оправданост и порачаа дека Русите го поддржуваат нападот.

Русија започна инвазија на Украина од копно, воздух и море, што е најголемиот напад на друга земја во Европа од Втората светска војна и потврда на најголемите стравови на Западот.

Портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков, изјави за новинарите дека Москва сака да наметне неутрален статус на Украина, да ја демилитаризира и да ги отстрани, како што рече, нацистите од земјата.

„Времетраењето (на операцијата) ќе биде одредено според нејзините резултати и нејзината оправданост. За тоа ќе одлучи врховниот командант на вооружените сили Владимир Путин“, рече Песков.

Тој тврди дека Москва не сака да ја окупира Украина и дека иднината е прашање на избор на украинскиот народ.

„Теоретски гледано, Украина треба да се ослободи и исчисти од нацистите“, изјави портпаролот на Кремљ.

Москва ги обвини прозападните власти во Киев дека со помош на воени групи блиски до крајната десница организирале геноцид на жителите кои зборуваат руски на истокот од земјата.

Сепак, портпаролот на Кремљ не одговори на прашањето дали Москва го смета украинскиот претседател Володимир Зеленски за нацист.

Според него, одлуката за напад на Украина била диктирана од грижата за иднината на Русија, која со недели барала од Западот да вети дека Киев никогаш нема да влезе во НАТО.

Тој спомена неутрализација на воениот потенцијал на Украина, која неодамна, како што рече, бил силно зајакнат, благодарение и на акции на странските земји.

Песков рече и дека Москва е подготвена да разговара со украинските лидери за овие барања, доколку тие се подготвени за дијалог.

Тој додаде дека Кремљ предвидел оти рускиот пазар емотивно ќе реагира на офанзивата против Украина.

„Сторивме се што можеме за да го направиме овој емотивен период што е можно пократок“, рече тој, додека рубљата на московската берза беше во слободен пад во четвртокот.

Текстот Кремљ за нападот врз Украина: „Ќе потрае колку што е потребно“ е превземен од МАКФАКС.