Кристофер Нолан најавува филм за „таткото на атомската бомба“

Култниот режисер, сценарист и продуцентКристофер Нолан избра да соработува со Universal Pictures за претстојниот филм за американскиот физичар Роберт Опенхајмер кој помогна во развојот на атомската бомба во текот на Втората светска војна.

Медиумите потсетуваат дека соработката со студиото „Јуниверзал“ е првпат во речиси две децении режисерот да не снима филм за „Ворнер Брос“.

Режисерот во последниве недели разговараше со неколку холивудски студија за можноста да ја поддржат неговата драма, која има буџет од 100 милиони долари. „Сони“ и „МГМ“ исто така беа во комбинација. Нолан разговараше и со „Ворнер Брос“, но односите со неговиот поранешен студиски дом се заладени.

Режисерот беше бесен од одлуката на „Ворнер“ да ги објави сите филмови од 2021 година истовремено и на ХБО-макс. Студиото, од друга страна, не беше задоволно од неговите јавни коментари што го изразуваа неговиот гнев.

Нолан ја нарече Ејч-би-о макс „најлоша стриминг-платформа “, груба оценка која веројатно нема да влезе во маркетинг-материјалите на компанијата.

Снимањето на филмот за Опенхајмер, кој сè уште нема наслов, се очекува да започне во првиот квартал од 2022 година.

Текстот Кристофер Нолан најавува филм за „таткото на атомската бомба“ е превземен од МАКФАКС.