Кривични пријави за организацискиот директор на токсикологија и уште две лица кои правеле непотребни набавки за клиниката

Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против три физички лица од кои: првопријавениот – организациски директор на ЈЗУ Клиника за токсикологија Скопје, второпријавениот во својство на управител на правното лице Уни – Медикал ПСТ Скопје и третопријавената како службено лице во Агенцијата за лекови и медицински средства, поради постоење на основано сомнение дека пријавените сториле кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 5 вв став 1 од Кривичниот законик, кривично дело поттикнување од член 23 став 1 од Кривичниот законик и кривично дело фалсификување на службена исправа од член 361 став 1 од Кривичниот законик и кривично дело несовесно работење во службата.

Имено првопријавениот со својство на организациски директор на ЈЗУ Клиника за токсикологија Скопје во текот на 2016 година, потикнат од второпријавениот во својство на управител на правното лице Уни – Медикал ПСТ Скопје ја искористил службената положба и овластување на начин што спротивно на Законот за јавни набавки, без да постапи целосно по Решението за давање согласност на Советот за јавни набавки, иако знаел дека клиниката нема потреба за набавка на медицинска опрема, објавил оглас за набавка на медицински средства во кој дефинирал набавка во еден неделив предмет и технички спецификации кои упатуваат на конкретно производство, со што ја ограничил конкуренцијата, а со цел фаворизирање на економскиот оператор Уни – Медикал ПСТ Скопје, по што на правното лице Уни – Медикал ПСТ Скопје како единствен понудувач му овозможил да се стекне со противправна имотна корист во износ од 3.542.317 денари, а воедно пријавените предизвикале и штета на буџетот на клиниката во износ од 942.315,00 денари.

Второпријавениот во својство на управител на правното лице Уни- Медикал ПСТ Скопје со намера да изврши продажба на медицинското средство и да се стекне со противправна имотна корист во истиот период во Агенцијата за лекови и медицински средства употребил исправа со невистината содржина на начин што внел невистинит податок за потеклото на медицинското средство, а третопријавената во својство на службено лице несовесно постапила во издавањето на Одобрението за увоз на медицинското средство, односно изготвила и одобрила Одобрение за увоз на медицинско средство чиј производител не е регистриран во регистарот на медицински средства, како и не е извршено запишување во регистар на медицински средства што се води во РСМ, со што третопријавената на правното лице Уни – Медикал ПСТ Скопје му овозможила да изврши увоз и продаде медицинско средство во вкупна вредност од 6.115.468 денари.

Текстот Кривични пријави за организацискиот директор на токсикологија и уште две лица кои правеле непотребни набавки за клиниката е превземен од МАКФАКС.