Куман нема ниту цент да и прости на Барселона

Роналд Куман ќе си ги бара парите од Барселона кои му припаѓаат според договорот. Новинарот Луис Канут, кој е пријател со Куман, открил дека Холанѓанецот ќе остане со семејството да живее во Барселона.

Куман, доби отказ во средата, по поразот од Рајо Ваљекано. Клубот му понудил да го обесштети со сума помеѓу седум и осум милиони евра, но Куман нема да отстапи, бара да му бидат исплатени 12 милиони евра, колку што треба да добие според договорот.

„Роналд имаше желба да замине во пензија откако ќе го одработи договорот со Барселона. Сега не знам што ќе направи. Жал му за односот што го имаа новинарите кон него, смета дека го омаловажуваа“, напишал Канут.

„Нема да се откаже од 12 милиони евра, нема ниту цент да и прости на Барселона. Мора да се испочитува она што го пишува во договорот“.

Канут открил дека Куман нема да ја напушти Каталонија.

„Роналд ќе остане со семејството да живее во Барселона. Ние сме добри пријатели. Ќе играме голф и ќе ги посетуваме рестораните во градот. Исто така заеднички ќе го критикуваме Чави Ернандез“, истакнал Канут.

Текстот Куман нема ниту цент да и прости на Барселона е превземен од МАКФАКС.