Лапорта доцна синоќа решил да го избрка Куман

Роналд Куман ги брои последните денови како тренер на Барселона. Шпанските медиуми тврдат дека, доцна синоќа, претседателот Џоан Лапорта решил да му врачи отказ на тренерот, кој сите ги нервира со своите изјави.

Барселона, синоќа, успеа да се спаси од пораз против Гранада во 90.минута. Барселона, не импресионираше со играта, а Куман е критикуван откако во последните 15 минути, централните дефанзивци Пике и Араухо ги префрли во нападот.

Оваа негова одлука ја спаси Барселона од пораз, Араухо го постигна голот за 1:1, а Пике учествуваше во акцијата, меѓутоа во клубот не се задоволни од тактиката и формацијата која ја форсира тренерот.

„Што може да е направи со ваков состав? Да се игра тики-така кога никаде нема простор? Моравме да побараме алтернативен пат. Во овој момент ние немаме играчи кои се добри еден на еден, немаме брзина во тимот. Тоа е нашата реалност. Со ова што имаме го дадовме најдоброто, можевме дури и да победиме. Верувам дека младите за две до три години ќе станат добри играчи“, рекол Куман и дополнил.

„Факт е дека Барселона повеќе не е тим каков што беше пред осум години“.

„Марка“ пишува дека по оваа изјава, претседателот Џоан Лапорта донел одлука дека Куман мора да си оди од клубот.

Она што е лошо за Барселона е што отказот на Куман ќе ги чини најмалку шест милиони евра. Со оглед на финансиската криза во која се наоѓа, ова ќе биде уште еден удар за клубот.

Пралелно со ова медиумоте се занимаваат со имињата на потенцијалните наследници на Куман. Новинарот, Џерар Ромеро, тврди дека Лапорта на списокот има пет тренери: поранешниот германски селектор Јоаким Лев, актуелниот селектор на Белгија, Роберто Матинез, поранешниот играч на Барселона, Филип Коку, екс тренерот на Интер, Антонио Конте и поранешниот тренер на Јувентус, Андреа Пирло.

Текстот Лапорта доцна синоќа решил да го избрка Куман е превземен од МАКФАКС.