Лукашенко забрани увоз на западни стоки и летови на компании од ЕУ и Британија

Белорусија денеска објави дека воведува одмазднички ограничувања на летовите на авиокомпаниите од Европската Унија и Велика Британија и дека забранува увоз на западни стоки од земјите кои и воведоа санкции.

Министерството за надворешни работи на Белорусија соопшти дека забраната за увоз е одговор на незаконскиот притисок на надворешните санкции насочени кон поткопување на суверенитетот на Белорусија и влошување на благосостојбата на белоруските граѓани.

Белоруската влада сè уште не објавила список на западни стоки чиј увоз е забранет.

САД, ЕУ и Канада минатата недела воведоа санкции за десетици белоруски функционери, организации и компании во исто време.

Цел на Брисел беше поединци и субјекти кои ЕУ ги обвинува за учество во хибриден напад, односно испраќање азиски мигранти од Белорусија до границите на Полска, Литванија и Летонија.

ЕУ, исто така, го забрани влезот и ги замрзна средствата на 17 други лица од Белорусија, вклучително и граничари и воени службеници, владини службеници и судии.

Мерките ги погодија и белоруските авиокомпании, вклучително и државната „Белавија“, и туристичките групи, кои ЕУ ги обвинува дека помагаат да се донесат мигранти во Белорусија за да можат потоа да се преселат во Унијата.

Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко денеска изјави дека санкциите нема да донесат значителна штета.

Текстот Лукашенко забрани увоз на западни стоки и летови на компании од ЕУ и Британија е превземен од МАКФАКС.