Маричиќ за „Дело”: Прашањето со Бугарија не смее да се решава на основа „кој е посилен“

Министерот за правда Бојан Маричиќ во интервју за угледниот словенечки весник „Дело“ истакна на важноста проширувањето на Европската Унија да се одвива по претходно утврдени принципи, реални заслуги и испорачани резултати, но ја нагласи и потребата Унијата да даде временска рамка и план за проширувањето на земјите од Западен Балкан.

„Ние навистина направивме сѐ и покажавме искрена желба за решавање на отворените прашања, водејќи се од европските вредности. Затоа верувам дека проблемот со Бугарија може да се реши низ директен дијалог. Но, она што за нас е важно е тој дијалог да се темели на европски вредности и принципи, а не на основа ‘кој е посилен’ или пак кој е член на Унијата, а кој не е”, истакна Маричиќ во интервјуто за „Дело“.

Mинистерот додаде дека за него прашањето со Бугарија не е само билатерален спор, туку и ситуација за која во иднина Европската Унија треба да дефинира што може држава членка на Унијата да бара од држава кандидат.

„Ние сме спремни за дијалог и веќе разговараме за отворените прашања, но исто така сме спремни тие отворени прашања да ги третираме и во текот на преговорите со ЕУ. Но, во никој случај не сме спремни да се откажеме од македонскиот јазик и од нашиот идентитет”, вели Маричиќ за „Дело“ и додава дека Владата покажала дека е составена од прогресивни сили кои навистина веруваат во политиките на Европската Унија и нејзините вредности, кои очекувааат Унијата, нејзините институции и земјите членки да дадат свој придонес и заложба за нашата евроинтеграција.

Текстот Маричиќ за „Дело”: Прашањето со Бугарија не смее да се решава на основа „кој е посилен“ е превземен од МАКФАКС.